Според истражување на Атлантски совет

Руси ширеле лаги на интернет дека се планира убиство на Борис Џонсон

Шпанските власти во август 2018 година разоткрија план на противниците на брегзитот да убијат еден од водечките заговорници за напуштање на ЕУ, а сега фаворит за нов британски премиер, Борис Џонсон. Навистина?

Оваа приказна и други слични на неа ги создавала мрежа од профили на социјалните медиуми контролирана од Русија, која се обидела да прошири лажни вести на 30 интернет-платформи, вели истражувањето на Атлантскиот совет, односно неговата Лабораторија за дигитални форензички истраги (ДФР).

Во тоа се користени десетици профили на кои се објавуваат содржини на девет јазици на над 30 платформи како Фејсбук, Твитер и разни блогови и форуми.

Целта била „да се раскараат, дискредитираат и збунат“ западните земји со подметнување лажни информации за теми што се движат од наводно британско мешање во американските конгресни избори во 2018 година до соучество на ирските паравоени сили во труењето на поранешниот руски шпион во Англија минатата година.

Мрежата е откриена со следење на линкови до група од 16 профили што Фејсбук ги затвори во мај, тврдејќи дека се „дел од мала мрежа со потекло од Русија“.

Кремљ не му одговорил на Ројтерс на барањето за коментар.

Русија ги отфрла сите обвинувања од Западот дека поттикнува ширење лажни вести на интернет за да влијае врз политиката и врз јавното мислење.

Бен Нимо од ДФР рече дека профилите немале многу следбеници, веројатно за да не бидат фатени, но дека операцијата била смела и софистицирана.

„Операцијата се обиде да предизвика поделби меѓу западните земји“, рече тој. „Сѐ беше фалсификувано, од документите врз кои се темелат прилозите, до профилите што ги ширеа“.

Најсензационалното парче руски лажни вести, вели Гардијан, е „планот“ да се убие Борис Џонсон. Фалсификувано писмо со предупредување за планот било постирано на лажна фејсбук-страница за која изгледало дека му припаѓа на висок шпански функционер.

Наводниот план за убиство на Борис Џонсон почнал на 8 август минатата година, кога на лажниот фејсбук-профил било објавено писмо што наводно го испратил шпанскиот министер за надворешни работи, Јосеп Борел, до колега парламентарец.

Во писмото, напишано на колоквијален шпански, во кое и самото име на Борел било погрешно напишано, се наведува дека министерот дознал за „можен напад врз Борис Џонсон извршен од радикални противници на брегзитот, кои сакаат да спречат тој да стане премиер“ и дека ќе ги предупреди британските власти.

Портпаролот на Борел рече дека документот е лажен.

Џонсон немаше коментар.

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе