По референдумите во Донбас

Ројтерс: Путин се подготвува формално да припои 15 отсто од украинската територија

Рускиот претседател Владимир Путин се подготвува формално да анектира околу 15 отсто од територијата на Украина по референдумот за приклучување кон Русија во областите контролирани од руските сили или од сепаратистите поддржани од Русија, пишува Ројтерс.

Фото: ЕПА

Ниту Западот, ниту Украина не можат да го спречат Путин да има претензии кон регионите, иако САД и нивните сојузници велат дека сакаат Украина да ја победи Русија на бојното поле - и ќе ѝ помогнат со оружје, но не и со војници на НАТО.

Соединетите Американски Држави се подготвени да ѝ наметнат на Русија дополнителни економски трошоци во соработка со американските сојузници доколку Москва продолжи со анексија на делови од украинската територија, соопшти Белата куќа.

Сепак, по воведувањето строги санкции кон Русија, не останува некоја поголема економска казна освен ако Соединетите Држави не ги натераат Кина и Индија да се согласат на некаков вид ограничување на цената на руската енергија.

Западот би можел да ѝ испрати уште напредно оружје на Украина, вели Ројтерс.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски постојано предупредуваше дека „псевдореферендумите“ за приклучување кон Русија ќе ја уништат секоја шанса за мировни преговори.

Кои територии би биле анектирани?

Русија планира да анектира околу 15 отсто од Украина контролирана од руските сили, како и околу 3 отсто од Украина што Русите не ги контролираат - вклучувајќи ги линиите на фронтот каде што сѐ уште се борат украинските војници, на пример во регионот Доњецк.

Областите вклучуваат:

* Голем дел од источна Украина, познат како Донбас, каде што живеат многу етнички Руси и Украинци што зборуваат руски.

Двата дела на Донбас сега ги вклучуваат самонаречените Доњецка (ДПР) и Луганска народна република (ЛПР), кои Путин ги призна како независни држави непосредно пред инвазијата на 24 февруари. Линијата на фронтот минува низ Доњецк.

Во 2014 година во двете области се одржаа референдуми за отцепување од Украина.

* Херсонската област, контролирана од Русија.

* Запорожје, кое е под контрола на Русија.

Севкупно, Русија би анектирала најмалку 90.000 квадратни километри украинска територија. Тоа е област голема колку Унгарија или Португалија.

Русија, која со Меморандумот од Будимпешта од 1994 година ги призна постсоветските граници на Украина, во 2014 година го анектира Крим. Со Крим и територијата во четирите други области, Русија би анектирала најмалку една петтина од украинската територија.

Колку брзо би се случила формалната анексија?

Многу брзо, вели Ројтерс. По референдумите, лидерите на регионите поддржани од Русија би можеле да побараат да бидат вклучени во Русија. Путин би можел брзо да го одобри тоа и во Москва брзо да биде усвоен таквиот закон.

Откако руските сили на 27 февруари 2014 година ја презедоа контролата врз Крим, кој има етничко руско мнозинство и беше префрлен во Украина во советско време, на 16 март беше одржан референдум за приклучување кон Русија.

Лидерите на Крим соопштија 97% гласови за отцепување од Украина и приклучување кон Русија. Русија официјално го припои Крим на 21 март, помалку од еден месец откако го нападна.

Што вели Путин?

Путин вели дека Киев ги прогонувал Русите и луѓето што зборуваат руски во Украина и дека тој никогаш нема да им ги предаде на „егзекуторите“. Украина негира дека ги прогонувала луѓето што зборуваат руски, од кои многумина очекуваат помош од Москва.

Шефот на Кремљ го негира посебниот украински идентитет, велејќи дека тоа е вештачка конструкција делумно резултат на болшевичкиот револуционер Владимир Ленин, кој, откако Црвената армија го зазела Киев, ги воспоставил границите на Украинската Советска Социјалистичка Република по распадот на руската империја.

На украинскиот попис од 2001 година, 17% од луѓето се идентификувале како Руси, а 78% од луѓето се идентификувале како Украинци. Украинскиот е убедливо најзборуваниот јазик во земјата, а по него е рускиот, вели Ројтерс.

Според Канцеларијата за човекови права на ОН, меѓу 2014 и крајот на 2021 година биле убиени околу 14.000 луѓе во источна Украина, вклучувајќи 3.106 цивили.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Предложеното законско решение се фокусира на аудиовизуелниот/радиодифузниот сектор, игнорирајќи ги последниве две децении на развој на дигиталниот домен и на интернет, со сите негови позитивни и негативни страни.

повеќе

Според последното истражување на организацијата ПИНА, базирано врз анкети направени со 103 новинарки, 24,1% од новинарките добиле закани за физичко насилство, а 19,5% и закани по животот.

повеќе