Ројтерс: Претставници на Русија и Украина се сретнаа тајно минатата недела

Претставници на Русија и Украина се состанаа минатата недела во Обединетите Арапски Емирати за да разговараат за размена на затвореници, како и за повторно воспоставување на извоз на руски амонијак во Африка и Азија преку украинскиот гасовод, пренесува Ројтерс.

Фото: ЕПА

Изворите велат дека средбата била со посредство на ОАЕ, без учество на ОН, кои нормално ја имаат главната улога во такви преговори. Амонијакот што Русија го извезува се користи за производство на ѓубрива. Целта на овие преговори е да се решат преостанатите спорни прашања околу извозот, откако минатата недела беше продолжен договорот за извоз на жито.

На 17 ноември, руски и украински претставници отпатувале во главниот град на ОАЕ Абу Даби за да договорат руски извоз на амонијак во замена за ослободување на голем број затвореници. Не се знае кои биле заклучоците од средбата. Украинскиот амбасадор во Турција Васил Боднар изјави за Ројтерс: „Ослободувањето на нашите воени заробеници е еден од условите за руската дозвола за извоз на амонијак“. Тој додаде дека не знае ништо за средбата во ОАЕ.

Путин вчера изјави дека руските власти работат на деблокирање на руското ѓубриво кое моментално се наоѓа во европските пристаништа, но и на тоа повторно да почнат да извезуваат амонијак. Министерството за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати и министерствата за одбрана и надворешни работи на Русија и Украина не одговорија на барањето на Ројтерс за коментар.

Извозот на руски амонијак би се одвивал преку украинскиот гасовод до Црното Море. Овој гасовод од Русија до украинското црноморско пристаниште Пивдењи може да носи до 2,5 милиони тони гас амонијак годишно, а беше затворен по почетокот на инвазијата на Украина на 24 февруари. Извозот на амонијак не беше дел од договорот на ОН за коридорите за извоз на жито.

Минатата недела Ребека Гринспан, генералeн секретар на агенцијата на ОН УНКТАД, која ги водеше преговорите за извоз на ѓубрива, рече дека смета дека Русија и Украина ќе можат да се договорат за понатамошен извоз на амонијак.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно ги објави условите што Русија мора да ги исполни пред да ѝ се дозволи да извезува амонијак преку украинскиот гасовод. Меѓу овие услови беше и размената на затвореници и повторното отворање на црноморското пристаниште Миколаев. Ниту Украина, ниту Русија сè уште не го објавиле официјалниот број на затвореници што ги притвориле од почетокот на инвазијата. На 28 октомври, Зеленски рече дека Русија ослободила вкупно 1.031 украински затвореник од март.

Абу Даби во овие преговори презема улога слична на онаа на Саудиска Арабија, која постигна дипломатска победа во септември обезбедувајќи ја слободата на странските борци заробени во Украина. ОАЕ и Саудиска Арабија се членки на нафтената алијанса ОПЕК +, чиј член е и Русија. Тие останаа во добри односи со Москва, и покрај притисокот од Западот да ја изолира Русија поради нејзината „специјална воена операција“.

Претседателот на ОАЕ Мохамед бин Зајед ал-Нахјан минатата недела ја посети Москва за да разговара со Путин за можноста за посредување во договорот за амонијак. Украина е важен производител на житарки и маслодајни семиња, а Русија е главниот светски извозник на ѓубрива за светските пазари.

Москва од јули вели дека се спречени да извезуваат жито и ѓубриво, иако тоа не е директно покриено со санкциите. Тие велат дека тоа е затоа што санкциите им ја отежнуваат на купувачите обработката на плаќањата и обезбедувањето транспорт, како и осигурувањето.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Предложеното законско решение се фокусира на аудиовизуелниот/радиодифузниот сектор, игнорирајќи ги последниве две децении на развој на дигиталниот домен и на интернет, со сите негови позитивни и негативни страни.

повеќе

Според последното истражување на организацијата ПИНА, базирано врз анкети направени со 103 новинарки, 24,1% од новинарките добиле закани за физичко насилство, а 19,5% и закани по животот.

повеќе