Пенс во дебатата доби задача да ја стабилизира ситуацијата по турбулентната недела за кампањата на Трамп, за време на која претседателот беше хоспитализиран поради коронавирусот, додека анкетите покажуваат дека Бајденовата предност пред Трамп расте.
Меѓутоа, иако Пенс имаше силен настап против Камала Харис, реалноста е дека Трамп, како претседател и претседателски кандидат, добива доминантен медиумски простор па сите други во неговата орбита остануваат во сенка.
Дебатата на претседателските кандидати имаше досега поголема важност отколку во изминатите години, бидејќи 74-годишниот Трамп беше лекуван од ковид-19, додека исто така се поставува прашањето за здравствената состојба на 77-годишниот Бајден и неговите можности да ја врши претседателската функција.
Пенс во дебатата која траеше 90 минути ги претстави приоритетите на кампањата како ниските даноци, силната војска и цврстиот однос кон Кина.
Неговото излагање беше значително поинакво од Трамповиот агресивен настап во дебатата со Бајден, кој веројатно влијаеше врз дополнителното Трампово заостанување во анкетите.
Последната анкета на Ројтерс/Ипсос на национално ниво покажува дека Трамп заостанува зад Бајден 12 процентни бода.
Харис исто така имаше свои добри моменти и веројатно не ѝ наштети на кампањата на Бајден.
Демократската потпретседателска кандидатка имаше задача да ги мобилизира младите, прогресивните демократи кои Бајден можеби го сметаат за реликт на минатите времиња.
„Нејзината улога беше да биде машина за ентузијазам. Пенс имаше улога да ја консолидира базата. Двајцата веројатно направија нешто во тој поглед“, кажа Џоел Пејн, стратегот на демократите кој ја водеше претседателската кампања на Хилари Клинтон.
Мет Горман, стратегот на републиканците кој работеше за претседателската кампања на Џеб Буш во 2016, кажа дека Харис се сопнала кога одби да одговори дали таа и Бајден поддржуваат именување нови судии во Врховниот суд на САД за да биде идеолошки побалансиран.