„Додека Русија се обидува да посее политички хаос и да профитира од тоа, Кина се обидува да ја купи лојалноста на регионот преку стратешки инвестиции, оптоварени со заеми што ќе бидат товар за идните генерации“, рече американскиот официјален претставник, како што објави Радио слободна Европа (РСЕ).
Кога станува збор за Србија и Косово, статус-квото е неодржливо, рече Рикер на интернет-форумот „Да се биде безбеден“ (2БС), додавајќи дека договорот потпишан од Белград и Приштина во Белата куќа на 4 септември е пример за лидерство какво што му треба на регионот.
На прашањето како САД ќе ја вратат довербата во регионот, која според некои процени е намалена за време на мандатот на администрацијата на Доналд Трамп, Рикер одговори дека Соединетите Држави и ЕУ имаат заедничка визија за Западен Балкан.
„Тоа е визија за регионот интегриран во евроатлантската заедница и таа не беше нарушена претходниве години, за што сведочат Договорот од Преспа, договорот за изборни реформи во Албанија, изборите во Мостар и договорот во Вашингтон и дијалогот меѓу Србија и Косово“, рече Рикер.
Западен Балкан со децении е предмет на внимание и инвестиции на САД и ќе остане така сè додека не се постигне целта да се добие целосна трансатлантска структура, изјави Рикер на онлајн-форум организиран од Атлантскиот совет на Црна Гора.
„Нашата стратегија за национална безбедност го вклучува и нашиот интерес да ја направиме Европа силна и слободна. А колку е посилен Западен Балкан, толку е посилна Европа и нашето трансатлантско партнерство.”