Редок гениј и прекрасна личност: светот му оддава почит на Стивен Хокинг

Астронаути, научници и познати личности го слават животот на „џиновскиот ум и прекрасниот дух", а на социјалните медиуми се споделуваат фотографии со празна инвалидска количка.

Од астронаутите до светските лидери, целиот свет му искажува почит на Стивен Хокинг, современиот британски физичар и автор, кој почина утрово на 76 години.

Тим Пик, кој во 2016 година помина повеќе од шест месеци во вселената, рече дека Хокинг ги инспирирал генерациите да „гледаат надвор од нашата планета и да го прошират нашето разбирање за универзумот“.

И светската научна заедница се збогува со физичарот Стивен Хокинг, научникот што инспирира милиони луѓе со умот и личноста.

Американската вселенска агенција НАСА го опиша британскиот научник како амбасадор на науката, потсетувајќи се на неговата работа со астронаутите на Меѓународната вселенска станица. „Неговите теории отклучија цел универзум од можности што сега ние и светот ги истражуваме. Продолжи да леташ како суперчовек во микрогравитацијата, како што им рече на астронаутите во 2014 година“, напиша агенцијата.

Физичарот од Калтек Џон Прескил напиша дека работата на Хокинг инспирирала милиони млади научници да го следат неговиот пат. „Ќе ги паметам остриот ум и сјајот во неговите очи: никогаш не се доживуваше премногу сериозно. Многу ќе им недостига на неговите пријатели“.

Американскиот телевизиски научник Нил де Грас Тајсон, кој работеше на популаризација на науката, рече дека смртта на Хокинг оставила огромен интелектуален вакуум. „Но тој не е празен. Замислете го како еден вид енергетски вакуум што го проткајува ткивото на простор-времето и кој им се опира на мерилата“, напиша тој на шега.

Теоретскиот физичар Лоренс Краус напиша: „Се угаси ѕвезда во вселената. Загубивме неверојатно човечко суштество. Стивен Хокинг 76 години храбро се бореше и ја кротеше вселената и сите нас нè научи на нешто важно за тоа што значи навистина да го славиш тоа што си човек. Ќе ми недостига“.

Научничката Јангјанг Ченг од универзитетот Корнел истакна како Хокинг ја инспирирал додека растела во Кина.

„Како мало девојче со години гледав во преведената книга 'Кратка историја на времето' во библиотеката на татко ми, копнеејќи по денот кога ќе можам да ја прочитам“.

И професорот по физика Роберт Мекнис од универзитетот Лојола напиша дека Хокинг му бил идол кога бил дете и опиша како научникот, кога го запознал, го импресионирал како забавна личност, полна со живот и драга.

Планетарното друштво се збогува со научникот зборовите: „Збогум господине Хокинг. Ви благодариме што го споделивте вашиот прекрасен ум со оваа бледосина точка“.

Шефот на Гугл, Сундар Пичаи, напиша дека светот загубил „прекрасен ум и блескав научник“.

Коосновачот на Епл, Стив Возниак, рече дека Стивен Хокинг имал „интегритет и посветеност кон науката, што го става над вистинската брилијантност.“

Генералниот директор на Мајкрософт, Сатја Надела, рече дека Хокинг ќе биде запаметен по неверојатниот придонес кон науката - по креирањето комплексни теории и концепти што се прифатливи за масите. „Ќе биде запаметен и по неговиот дух и неограниченото настојување целосно да ја разбере вселената, и покрај пречките со кои се соочуваше“.

Тим Бернерс-Ли, творец на светската мрежа www, на Твитер напиша дека светот загубил „џиновски ум и фантастичен дух“.

И индискиот премиер Нарендра Моди рече дека „силниот карактер и упорноста на Хокинг ги инспирираа луѓето низ целиот свет“.

„Почивај во мир, Стивен Хокинг - ти го смени начинот на кој го гледаме универзумот“, напиша шкотската премиерка Никола Стурџон

Доналд Туск, претседателот на Европскиот совет, цитираше еден од најнезаборавните коментари на Хокинг за тоа како, и покрај болеста на моторните неврони, тој не се откажал: „Важно е само ако не се откажеш“.

Ветеранот на американското ток-шоу, водителот Лари Кинг, даде пример за хуморот на Хокинг.

„Еднаш во интервју го прашав Стивен Хокинг што му е најголемата загатка во целиот универзум. 'Жените', ми одговори...“

Фу фајтерс напишаа дека Хокинг е „факинг легенда“, додека актерот Меколи Калкин му оддаде почит на „генијот и мој омилен лик од Симпсонови“.

Пејачката Кети Пери забележа дека Хокинг умрел на денот Пи, годишното одбележување на математичката константа пи. „Во моето срце остана голема црна дупка“, напиша таа. Стивен Тајлер од групата Аеросмит напиша на Твитер: „Ти го смени светот“.

Британскиот телевизиски презентер Џонатан Рос рече: „Светот тукушто падна за многу ај-кју поени“.

Додека се шири веста за смртта на Хокинг, на социјалните медиуми се споделуваат фотографии со празна инвалидска количка.

Не е во прашање само Русија VS Западот. Има нов играч на масата.

повеќе

Ако на референдумот на 30 септември македонските гласачи изгласаат да се смени името на нивната држава во Северна Македонија, НАТО треба да ја покани нивната влада во Алијансата.

повеќе

Паметам како вчера да беше: пред самиот распад на Југославија, по локалните пазарчиња на таа земја нагло се расшетаа сомнителни типови што шиткаа лажњаци на статусниот симбол на мојата генерација - славните фармерки „петсто кец”. 

повеќе