Ковид-19

Рецепт за победа: земјите што го покорија вториот бран на коронавирусот

Вториот бран на коронавирусот жестоко го погоди светот, затекнувајќи ги повеќето земји неподготвени за ужасниот скок на бројот на заразени по летната пауза. Сепак, некои земји многу успешно се справија со пандемијата. Причината - почитување на ригорозните (некои би рекле сурови) епидемиолошки мерки, пред сѐ благодарение на карантинот.

Фото: ЕПА

Австралија

Австралија успеа речиси целосно да го елиминира вирусот. Државата Викторија објави дека цели четири недели не е регистриран нов случај на вирусот.

Кога на крајот на јули беше забележан скок во случаите на ковид-19 во Австралија, само неколку недели откако прогласија победа над вирусот, властите решително реагираа со затворање на Мелбурн. Речиси четири месеци единственото нешто што беше отворено беа продавниците за храна и болниците.

Во другите градови полицијата подигна блокади за луѓето да останат дома. Дури и кога мерките беа ублажени, ноќе беше во сила полициски час, а високи казни плаќаа сите што го прекршија правилото за напуштање на кругот од пет километри од дома или на социјалните мрежи повикуваа на непридржување до мерките. Наставата беше префрлена на онлајн-доменот, а во некои делови од земјата мерките беа толку драконски што на сопствениците на миленичиња не им беше дозволено да ги шетаат на улица.

„Овие правила не се против вас, туку заради вас“, рече премиерот на Викторија Даниел Ендрус на 8 ноември, потсетувајќи ги луѓето дека целта на мерките е безбедноста на луѓето.

Австралијците што беа надвор од земјата мораа да се регистрираат за доаѓање  - имаше дневни квоти - и да одат во карантин во хотели назначени од владата и честопати чувани од војници.

Премиерот на Јужна Австралија, Стивен Маршал, беше многу директен: „Нема друга шанса да се запре вториот бран“.

Мерките дадоа плод, но по цена на милиони изгубени работни места и затворени компании. Д-р Ненси Бакстер, која ја раководи Школата за население и глобално здравје на Универзитетот во Мелбурн, верува дека вредело.

„Функционалната економија е невозможна во време кога беснее пандемија. Ова не е прашање на економијата против животот“, рече таа за Си-би-ес њуз.

Австралијците, во најголем дел, ги прифатија мерките, целосно уништувајќи го својот имиџ на „Крокодил Данди“-бунтовници.

Во борбата против коронавирусот им помогна и фактот дека Австралија е остров и може полесно од некои други земји да контролира кој доаѓа во земјата. Сега им претстои нов тест: мерките се олеснети, животот полека се враќа во нормала и сега се поставува прашањето дали ќе следува нов пик.

Драконските мерки имаат и последици. Во Аделаида, која во септември беше прогласена за „зона без корона“, едно единствено накашлување во болница доведе до експресен шестдневен карантин.

 

Финска

На другиот крај на светот, во Европа, Финска се покажа многу успешна во борбата против коронавирусот, а стапката на инфекција таму е најниска во цела Европа.

Причината - брзата реакција на властите, вклучително и двомесечниот карантин во март и забраната за патување, но и ефикасниот систем на мерки.

Покрај фактот дека Финците ги сакаат осаменоста и приватниот простор, Финска од другите европски земји, пишува Фајненшл тајмс, ја одвојува и „фокусот на подготовки и реагирање на национални кризни ситуации“, роден за време на Зимската војна од 1939-40 година со Советскиот Сојуз. Благодарение на овој колективен менталитет на подготвеност и реагирање, на финските болници не им недостигаше заштитна опрема за време на кризата.

 

Тајван и Сингапур

Кина, од каде што на крајот на минатата година потекна вирусот, успеа со ригорозни карантини да го сузбие вирусот, а сега, со масовно тестирање, и да го држи под контрола. Нивната „болна точка“ - Тајван, е уште поуспешен во тоа.

Оваа островска земја со 25 милиони жители регистрира 550 случаи на зараза и само седум смртни случаи од почетокот на пандемијата на ковид-19. Од 12 април досега во Тајван не е пријавен ниеден локален случај на пренос на болеста.

Експертите велат дека раното затворање на границите и строгата контрола на патувањата придонеле да се спречи ширењето на вирусот.

Други фактори се ригорозната контрола на контактите, „технолошкиот“ карантин и задолжителното носење маски. Мрачното искуство со епидемијата на САРС пред една година внесе страв во коските на Тајванците и тие беспоговорно ги почитуваа воведените мерки.

Сингапур исто така успеа да ја стави пандемијата на коронавирусот под контрола и да преживее две недели без нови случаи на вирусот. Тој успех беше засенет од веста дека во заедницата се појавил нов случај на инфекција, како предупредување дека вирусот сè уште „демне“.

„Ќе биде многу тешко да се искорени овој вирус. Главната причина е што вирусот може да се пренесе и од асимптоматски пациент“, рече експертот за инфективни болести на ЦНА, Леонг Хое Нам.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

И сега вие замислете, на едно детенце од 6 години да му кажувате со авторитет на наставник дека не треба да се дефинира како машко или женско.

повеќе

Засега СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните заеднички алтер-фабрикати не даваат впечаток дека го разбираат новосоздадениот замаец.

повеќе

Западен Балкан оди во насока на целосна контрола на државните институции во служба на политичките елити. Не е чудо што граѓаните имаат ниска доверба во овие институции.

повеќе