Расте гневот на Американците поради смртта на црнецот, кршат и палат по градовите (ВИДЕО)

Делови од американски Минеаполис буквално гореа цело утро денес, со што жителите на тој град го искажаа гневот поради смртта на 46-годишниот Афроамериканец Џорџ Флојд.

EPA-EFE

Флојд умре во понеделникот. Неговата фатална средба со полицијата ја снимил минувач. На снимката Флојд лежи со лицето на асфалтот, со лисици на рацете, моли за помош и повторува дека не може да дише пред да престане да мрда. Цело тоа време полицаец му го притиска вратот со колено. А сѐ почнало така што вработен на продавница ја повикал полицијата бидејќи Флојд наводно се обидел да му плати со лажна банкнота од 20 долари.

Откако снимката од инцидентот брзо се рашири по интернет и социјалните мрежи, така Американците од Минеаполис веднаш почнаа да реагираат и почнаа со протести. Афроамериканската заедница во САД е гневна и го отвори старото прашање за полициската бруталност над нив.

Уште на вториот ден протестите беа проследени со грабежи и вандализам, а почна откако градоначалникот на Минеаполис Џејкоб Фреј ги повика обвинителите да поднесат кривична пријава против полицаецот кој го притискаше Флојд со колено.

Шефот на полицијата на градот на северот на Соединетите Држави побара од демонстрантите да останат мирни, но во текот на ноќта избија судири во кои демонстрантите запалија продавница за автомобилски делови и ограбја друга продавница во близина на полициската станица во која работеле полицајците вмешани во апсењето на Џорџ Флојд кое резултираше со неговата смрт.

Полицијата морала да реагира и фрлила солзавец и формирала човечки штит за да ги спречи демонстрантите да ја пробијат ограда околу полициската станица. Користеле и гумени куршуми.

Немирите резултираа со уште една смрт. Во четвртокот, на третиот ден од протестите, еден маж бил застрелан и почина, а сѐ се случило во близина на демонстрантите, јави полицијата. Едно лице е уапсено, а полицијата истакнува дека истрагата е во тек.

Гувернерот на Минесота Тим Волц во средата на Твитер напиша дека протестите се претвориле во „екстремно опасна ситуација“ и ги повика демонстрантите да ги пропуштат пожарникарите и брзата помош.

За сѐ ова се огласи и еден од браќата на починатиот Флојд. Тој вчера даде изјава за Си-ен-ен. Плачејќи кажа дека неговото семејство сака мирни протести, но дека е свесен дека луѓето го губат трпението откако виделе дека уште еден Афроамериканец го изгубил живото поради постапувањето на полицијата.

„Сакам сите да протестираат во мир, но луѓето се веќе растргнати и повредени“, изјави Филонајс Флојд, братот на починатиот.

„Овие полицајци кои се вмешани во апсењето на Џорџ, а подоцна и неговата смрт мораат во истиот момент да бидат уапсени. Мора да одговараат за сѐ што направиле бидејќи овие демонстранти сакаат правда и тоа веднаш“, додаде тој.

Протести избија и во Лос Анџелес, каде стотици луѓе маршираа во знак на протест поради смртта Флојд. Во еден момент демонстрантите нападнаа полициски автомобил.

„Мирните демонстрации се заштитниот знак на нашата држава. Насилството не може да биде оправдано и со насилство не ја испраќаме пораката која треба да се испрати со протестите. Ги повикувам сите мирно да демонстрираат поради безбедноста на сите луѓе“, кажа шефот на округот Лос Анџелес Алекс Вијанова.

Во Мемфис, во државата Тенеси, полицијата морала да интервенира поради протести на улиците, а две лица се уапсени.

Полицијата во Минеаполис парично ги казни и ги отпушти четворицата полицајци кои го апселе Флојд.

Официјалната причина за смртта сѐ уште не е позната, но инцидентот го истражуваат и локалните, и државните и федералните институции, вклучувајќи го ФБИ.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Секој може да биде менаџер во „добри денови", но најчесто менаџерската работа не е за „добрите денови" туку постојан баланс помеѓу проблемите и можностите за оптимизирано управување на компанијата.

повеќе

Нека се соберат во Дојран, нека се договорат и нека нѐ известат. Сите други пак нека се спремаат за вистински избори во постпандемискиот период.

повеќе

Дали е аксиом дека со членството во НАТО е гарантирана безбедноста на Македонија? Дали почеток на преговори значи и отворен пат за членство во ЕУ?

повеќе