Албанија

Расте бројот на жртвите од земјотресот, настрадале цели семејства (ВИДЕО)

Спасувачки екипи од повеќе држави, со помош на кучиња и беспилотни летала, ги пребаруваат урнатините во очајнички напори да ги пронајдат и спасат преживеаните од земјотресот што ја погоди Албанија и однесе најмалку 28 животи.

Над 650 лица се повредени, а илјадници останаа без покрив над главата, а како што одминува времето, сè помали се шансите под урнатините да има преживеани.

Во најразорниот земјотрес што ја погоди Албанија во последните децении настрадаа цели семејства, а илјадници луѓе ноќите ги минуваат на стадионите и во автомобилите од страв од силните последователни потреси, чиј број вчера достигна до 500.

Во најтешко погодените градови, Драч и Тумане, цели станбени згради се целосно урнати, а локалните медиуми објавија дека десетици луѓе сè уште се под урнатините. Очајните членови на семејства вчера со спасувачите се обидуваа да дојдат до своите најблиски.

Меѓу нив е и полицаецот Ајетр Пеци, кој успеал да се извлече од под урнатините на станбена зграда што се срушила во Драч. Неговите две ќерки настрадале, а по неговата сопруга вчера се трагало.

„Како да живеам?“, рекол Пеци за агенцијата АП додека соседите го тешеле. „Не знам што направив за да се извлечам. Посакувам да останев со нив“.

Спасувачите во Драч вчера се обидуваа под урнатините да стигнат до тригодишни близначки, кои во земјотресот ги загубиле повеќето членови на своето семејство.

Триесет и едногодишната сликарка Диена Меџај била извлечена жива од урнатините на шесткатна зграда во Драч, но подоцна им подлегнала на повредите. Два часа подоцна телото на нејзината осумгодишна ќерка било извлечено од урнатините. Меџај во 2015 година го загубила сопругот, вели Би-би-си.

Три члена на семејството Грегу загинале во Тумане. Телата на Пелумба и Џелика Грегу биле извлечени вчераутро, неколку часа откако нивниот син Саимир починал во болница.

Во Драч вчера било извлечено телото на Кристи Реџи заедно со телото на нејзиниот татко Едуарт. Таа била 25-годишна студентка по медицина во Тирана, а спасувачите вчера сè уште трагале по нејзината мајка и брат.

Меѓу жртвите се и двајца браќа од Косово, 32-годишниот Шемседин Абази и неговиот 29-годишен брат Иса. Тие престојувале во хотелот Тропикал во Драч. Веднаш по земјотресот успеале да повикаат помош по телефон, но веќе биле мртви кога спасувачите успеале да ги извлечат 15 часа подоцна.

Повеќе од 45 лица синоќа биле спасени од урнатините, а премиерот Еди Рама вети дека спасувачите „ќе продолжат трпеливо да пребаруваат до самиот крај“. Тој рече дека сите погодени ќе бидат сместени во хотели сè додека владата не ги изгради нивните домови, јави Би-би-си.

„Верувам дека ќе ги сместиме во нови домови во текот на 2020 година, и тоа подобри од тие што ги имаа“, рече Рама во телевизиското обраќање.

Вчера во Албанија и во соседно Косово беше ден на жалост, при што владата во Тирана прогласи вонредна состојба во најтешко погодените области.

Во Албанија стигнаа специјални тимови и експерти од над десет земји, вклучувајќи ги Франција, Италија, Грција, Романија, Турција, Србија и Црна Гора.

„Добро е чувството што не сме сами во оваа несреќа и многу сум им благодарен на сите наши пријатели“, рече Рама во вторникот вечер, кога го посети Драч со грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендијас.

Рама рече дека ќе се организира донаторска конференција со Турција и земјите од регионот и дека за потенцијална помош ќе разговара со сојузниците од НАТО на самитот следната недела во Лондон.

Албанија е најсиромашната земја во Европа, со приход по жител од само една четвртина од просекот на ЕУ.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера изрази солидарност со Албанија. „Го повикувам целиот исламски свет да ја поддржи Албанија“, рече Ердоган на годишниот состанок на Организацијата за исламска соработка.

Папата Франциско во Ватикан рече дека се моли за повредените и истакна дека Албанија е првата европска земја што сакал да ја посети како папа и дека албанскиот народ му е многу близок.

Брегзитот, односно напуштањето на Велика Британија на ЕУ, без сомневање ќе влијае врз градењето на новата политичка архитектура во Европа, со нова поделба на интересни зони на стариот континент.

повеќе

Германската канцеларка Ангела Меркел, меѓу другите, беше гневна; Балканот помодре од бес. ЕУ сега се обидува да го натера Макрон да го тргне ветото пред Европскиот самит во март.

повеќе

Мојата заложба е конечно законите и прописите наместо инструмент за спроведување лични интереси, да ја добијат вистинската функција, заштита на интересите на граѓаните. За жал...

повеќе