Во Советот за безбедност на ОН

Расправија меѓу српски и косовски министер: „Брутални лаги“, „Го убивте татко ми“...

Министерот за надворешни работи на Србија, Никола Селаковиќ, на седница на Советот за безбедност на Обединетите нации ја обвини шефицата на косовската дипломатија Доника Гервала Шварц дека кажала повеќе „брутални лаги“.

Фото: ЕПА

За време на дискусијата на седницата на Советот за безбедност на ОН, по повод новиот шестмесечен извештај на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш за работата на Мисијата на ОН на Косово (УНМИК), Гервала Шварц му возврати на Селаковиќ, наведувајќи дека му е тешко да го спомене нејзиното моминско презиме Гервала, бидејќи Белград преку безбедносните служби на Србија го организирал убиството на нејзиниот татко Јусуф Гервала.

Селаковиќ рече дека „една од бруталните лаги“ што Гервала Шварц ги кажала вечерта пред Советот за безбедност на ОН е дека таа ја претставува „најмладата демократија во Европа“.

„Дали сте слушнале за демократија каде што луѓето не смеат да гласаат? На Србите на Косово годинава двапати им беше забрането да гласаат“, рече Селаковиќ.

Во врска со изјавата на Гервала Шварц дека 90 отсто од возилата со српски регистарски таблички се пререгистрирани, Селаковиќ рече дека на северот на Косово има повеќе од 9.000 возила со српски регистарски таблички, од кои само две се пререгистрирани на косовски таблички.

„Дали тоа е два проценти? Тоа е најдобриот пример колку се брутални овие лаги. Слушнавме и дека е многу опседната со (српскиот претседател Александар) Вучиќ, девет пати го спомна неговото име. Таа рече дека Србија подготвува агресија, но не кажа што прави Приштина. Зарем не е подготовка за агресија кога го туркате надвор од Косово она што остана од Србите на Косово“, праша Селаковиќ.

Во врска со изјавата на Гервала Шварц дека Вучиќ промовира нацистички идеи, Селаковиќ рече дека косовската влада „го подготвила реновирањето на куќата на Џафер Дева во Косовска Митровица и ја измамила ЕУ да го поддржи тој проект“.

„Дева им беше соработник на нацистите во Втората светска војна, ова е јасна промоција на нацистичките идеи“, изјави тој.

Селаковиќ го демантираше и тврдењето на Гервала Шварц дека Србија ги прекршува постигнатите договори, наведувајќи дека тоа „секако не е точно“ и додаде дека поминале 3.470 дена од потпишувањето на првиот Бриселски договор, а Приштина не ја формирала Заедницата на српските општини, што е предвидено со тој документ.

„Кога лажете, лажете така што луѓето да можат да ви веруваат“, ѝ рече Селаковиќ на шефицата на косовската дипломатија.

Реагирајќи на говорот на Селаковиќ, Гервала Шварц рече дека му било тешко да го спомене нејзиното моминско презиме Гервала, бидејќи „Белград преку безбедносните служби на Србија го организирал и извршил убиството на нејзиниот татко Јусуф Гервала, новинар, поет и музичар, на нејзиниот вујко и на еден активист од Гњилане“.

„Тоа презиме е голема темна точка во свеста на Србија“, рече Гервала Шварц.

Таа рече дека нема да троши многу време за да реагира на изјавите на српскиот министер бидејќи го цени времето што го има Советот за безбедност на ОН, „тело што сѐ уште е многу интензивно во запирањето на една неоправдана и агресивна војна“.

„Би му препорачала на секој што не е многу убеден во вистината да не го слуша господинот Селаковиќ ниту министерката за надворешни работи на Косово, едноставно да ги чита меѓународните извештаи, да почне со последниот извештај на ОБСЕ, извештајот на ЕУ за напредокот, прочитајте што пишува во извештаите на меѓународната заедница од теренот на Косово“, рече Гервала Шварц.

Таа рече дека „никогаш не би се обидела да ги измами дипломатите во Советот за безбедност на ОН, бидејќи го цени тоа тело“, но дека „не би сакала да дозволи ниту други да ги мамат“.

„Правото на глас на Косово е загарантирано со Уставот на сите, не е поделено на избирачко право на Албанци, Срби, Турци, Бошњаци и други. И тоа право го оствари секој граѓанин на Косово на парламентарните избори во февруари 2021 година и на локалните избори во октомври 2021 година“, рече Гервала Шварц и ги повика учесниците на седницата да ги прочитаат извештаите на европските набљудувачи на изборите.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Светска банка проценува дека за секој долар инвестиран во здравството, државата има бенефит од 4 долари во смисла на зголемена економска продуктивност.

повеќе

Провокација е именувањето на бугарските клубови „Борис III“ и „Ванчо Михајлов“. Не можеа ли да бидат со имињата Елин Пелин, Димчо Дебељанов, Черноризец Храбар или Иван Вазов?

повеќе

Слоганот на македонското претседателство со ОБСЕ е “It’s About People” и затоа ќе е доблесно МНР да побара помош и поддршка за да си ги заштити националните интереси, интегритетот, суверенитетот, јазикот и идентитетот.

повеќе