„Македонија, ако не се лажам, е кандидат веќе 17 години, а Албанија осум години, така што Украино добредојде“, кажа Рама во Брисел пред средбата со лидерите на ЕУ.
„Добро е да ѝ се даде кандидатски статус на Украина. Но се надевам дека украинскиот народ нема да има големи илузии“, додаде Рама.
Европската комисија препорача на Украина да ѝ се одобри статус на кандидат како прв чекор на долгиот пат кон членството во ЕУ.
Комисијата препорача статусот да ѝ се додели и на Молдавија.
Украина за членство во ЕУ аплицираше на 28 февруари, четири дена по почетокот на руската агресија, а Молдавија и Грузија тоа го направија на 3 март. Европската комисија за Грузија оцени дека треба кандидатски статус да добие откако ќе исполни одредени обврски.
Почнувањето на пристапните преговори со некоја земја бара согласност на сите 27 земји членки на ЕУ, а ставовите на европските лидери околу тоа се прилично различни.