Погребени петте научници

Ракетна мистерија: на далечниот север тестирана ракетата со која Путин се фалеше?

Главниот руски нуклеарен функционер вчера вети дека ќе успее во развојот на новото оружје, оддавајќи им почит на петте научници што загинаа во неуспешниот обид за тестирање нова ракета, веројатно таа со која лани се фалеше претседателот Владимир Путин.

Научниците вчера беа погребени во затворениот град Саров. Тие загинаа во четвртокот во, како што рече државната нуклеарна агенција Росатом, инцидент за време на ракетен тест на морнарички полигон на северот на земјата.

Министерството за одбрана прво соопшти дека немало зрачење, но зголемувањето на нивото на зрачење во блискиот град ги наведе американските нуклеарни експерти да се сомневаат дека била тестирана нуклеарна крстосувачка ракета. 

Експертите се сомневаат дека испуштањето на зрачењето се случило како резултат на несреќа за време на тестот на ракетата „9M730 буревестник“, именувана по морската птица. Тоа е дел од новото стратегиско вооружување со кое Путин се пофали минатата година. НАТО ја означи како „ССЦ-Икс-9 скајфол“.

На меморијалната служба во Саров, шефот на Росатом, Алексеј Лихачев, ги пофали загинатите нуклеарни научници како „гордост на земјата“ и „гордост на нуклеарниот сектор“.

„Најдобро ќе им оддадеме почит продолжувајќи да работиме на нови модели на оружје, што дефинитивно ќе биде извршено до крајот“, рече Лихачев.

Во интервју објавено доцна во неделата, функционерот од Институтот за истражување во Саров, Вјачеслав Соловлев, не кажа точно на што работеле научниците, туку само спомна мал нуклеарен реактор.

Соловлев рече дека институтот работи на „извори на топлинска или електрична енергија користејќи радиоактивни материјали, вклучувајќи фисиони и радиоизотопни материјали“. Тој додаде дека „ова се прави во многу земји. Американците исто така тестираа мал реактор минатата година... Нашиот центар исто така работи во таа насока“.

Локалната управа во Саров, на околу 400 км од Москва, објави дводневна жалост, велејќи дека експертите настрадале „вршејќи задача од национално значење“.

Валентин Костјуков, шеф на нуклеарниот центар што е дел од Росатом, рече дека на тестирањето му претходеле долги години внимателна работа и дека државната комисија истражува што е тоа што тргнало наопаку.

Росатом во саботата соопшти дека ракетната проба била извршена на една платформа и дека по тестирањето се запалило горивото, предизвикувајќи ја детонацијата.

Иако Министерството за одбрана во четвртокот првично соопшти дека не е забележана промена во нивото на зрачење по експлозијата, локалните власти во блискиот град Северодвинск соопштија дека радијацијата накратко пораснала. Загрижените локални жители собрале резерви јод, кој се користи за да се намалат ефектите од изложеноста на зрачење.

 

Не е познато дали „оружјето за одмазда“ ќе ја види светлината на денот

Аналитичарот Марк Галеоти од лондонскиот Кралски институт рече дека „постои голем сомнеж во врска со тоа дали 'буревестник’ некогаш ќе ја види светлината на денот“. Тој потсетува дека и другата напредна руска ракета „булава“ со години е неуспешно тестирана.

Ракетите „циркон“ и „посејдон“ се понапредни проекти и веќе постои прототип на подводниот дрон „посејдон“, вели Би-би-си.

Сепак, „посејдон“, како и „буревестник“, се „апокалиптично“ оружје, вели Галеоти - практично само за тотална нуклеарна војна.

Минатиот месец рускиот владин весник наречен „Росијскаја газета“ го опиша „буревестник“ како „оружје за одмазда“. Така нацистите ги нарекуваа своите „В-ракети“, испукувани врз Велика Британија во Втората светска војна.

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе

Државата треба повеќе да се вклучи во промовирање на младинско претприемништво како економска активност која би помогнала за намалување на невработеноста.

повеќе

Без оглед на политичката заднина на случајот за изнудување, владата во Скопје мора да се фокусира на темелна истрага наместо на ограничување на штетата.

повеќе