Поради кризата со коронавирусот

Работниците во Ломбардија се закануваат со штрајк откако владата не ги затвори фабриките

Работниците во фабриките за метали и хемикалии во северна Италија може да стапат во штрајк оваа недела, во знак на протест поради тоа што владата не ги вклучи на списокот за затворање. Индустријалците велат дека и не треба да бидат, оти списокот е предолг.

Три синдикати на металопреработувачи најавија дека в среда ќе стапат во осумчасовен штрајк. Тие протестираат против владината уредба од неделата со која се наредува затворање на деловните субјекти во Италија до почетокот на април, но долг список на основни индустрии ќе останат отворени. Затворањето има цел да го забави ширењето на вирусот ковид-19 во земјата.

Според Марко Бентиволи, шеф на италијанската Федерација на металопреработувачи, „потребни се порестриктивни мерки“ во северниот регион Ломбардија, кој најмногу страдаше од тековната епидемија. Тој рече дека деталите за протестната акција сè уште се дискутираат.

Вработените во производителите на хемикалии во Ломбардија планираат в среда да им се приклучат на металопреработувачите со сопствен штрајк. А работниците на неколку италијански авијациски производители веќе денеска одржуваа штрајкови, јавуваат локалните медиуми.

Лидерите на италијанските синдикати го критикуваа владиниот декрет, велејќи дека нема доследност во поделбата на компаниите на неопходни и ненеопходни и дека списокот отстапува од она што било договорено минатата недела.

Во меѓувреме, Генералната конфедерација на италијанската индустрија рече дека владиниот декрет е премногу рестриктивен и дека ќе ѝ нанесе голема штета на националната економија. Почитувањето на мерката ќе чини 100 милијарди евра месечно и ќе се нарушат околу 70 проценти од италијанското производство, предупреди шефот на организацијата, Винченцо Бокија.

Многу италијански компании го намалија или целосно го прекинаа работењето пред Владата да нареди затворање. Бидејќи в среда исклучувањето стапува во полна сила, веќе има значително движење на работниците од северот кон јужните региони, што дополнително ќе ја усложни и онака тешката состојба во земјата.

Италија е тешко погодена од пандемијата на коронавирус, а до денеска се регистрирани 5.476 смртни случаи.

„Новото нормално“ неизбежно со себе ќе носи неизвесност и страв бидејќи заканата од вирусот наѕира во позадина и не може да се искорени.

повеќе

„Шарената револуција“ беше енергија и граѓански порив за промени. Малку застранивме.

повеќе