Путин: Украина не ги исполни условите од мировниот договор

Рускиот претседател Владимир Путин во раните утрински часови во Техеран изјави дека Москва не ја гледа желбата на Украина да ги исполни условите од, како што рече, прелиминарниот мировен договор склучен во март.

Фото: ЕПА

На крајот од посетата на Иран, Путин пред новинарите рече дека Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати понудиле да посредуваат меѓу Русија и Украина, која силите на Москва ја нападнаа кон крајот на февруари.

Украинската влада не одговори веднаш на изјавите на Путин во раните утрински часови.

Запрашан за можна средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски, Путин рече дека Киев не се придржувал до условите од прелиминарниот мировен договор за кој рече дека „практично е постигнат“ во март.

„Конечниот резултат секако зависи од подготвеноста на страните да ги спроведат постигнатите договори. Денес гледаме дека властите во Киев немаат таква желба“.

Во март се водеа преговори, двете страни дадоа предлози, но без напредок. Зеленски тогаш рече дека може да се верува само на конкретен резултат од разговорите.

Путин се состана со иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи во вторникот во Техеран, продлабочувајќи ги врските меѓу двете земји кои се под западни санкции.

За време на неговата посета на Иран, Путин се сретна и со турскиот претседател Таип Ердоган, со кого разговараше за договор со кој ќе се обнови црноморскиот извоз на жито од Украина, во моментов блокиран од Русија.

Русија е подготвена да го олесни извозот на украински житарки преку Црното Море, но исто така сака да се укинат преостанатите санкции за извоз на руски житарки, рече Путин.

Во вторникот рускиот лидер рече дека сè уште не се решени сите прашања поврзани со испораката на житарки, „но веќе и фактот дека има напредок е добар“.

Средбата со Ердоган е прва лична средба на Путин со некој лидер на земја-членка на НАТО откако руските трупи извршија инвазија на Украина. Посетата на Путин на Иран е јасна порака до Западот за плановите на Русија да воспостави поблиски стратешки врски со Иран, Кина и Индија за да ги неутрализира западните санкции наметнати поради инвазијата.

Портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби рече дека патувањето во Техеран покажува колку Русија станала изолирана.

Кирби рече и дека САД подготвуваат уште еден пакет оружје за Украина.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе

Шоковите кои се случуваат истовремено и распадот на меѓународната соработка го направија управувањето со кризи невозможно - барем со користење на стандардните алатки. 

повеќе

Oд Словото за академик Божин Павловски, 80 години од раѓањето и 60 години од неговото творештво.

повеќе