На собирот на членките на Заедницата на независни држави (ЗНД), во која доминира Русија, одржана во Санкт Петербург, Путин кажа дека многу нешта во последните децении драматично се смениле, соопшти Кремљ.
Путин потсети дека формирањето на ЗНД во декември 1991 го поттикнале безбедносните и економските предизвици пред кои се нашле тие земји. Лабавиот сојуз беше воспоставен веднаш откако на крајот на декември истата година престана да постои СССР.
ЗНД требаше да ги одржи блиските врски на земјите кои некогаш ја сочинуваа СССР, но поранешните републики во периодот кој следеше многу различно се развиваа, кажа Путин.
„Морам да кажам дека врските кои се зачуваа од деновите на Советскиот Сојуз имаа поприлично голема улога“, додаде рускиот претседател.
Путин избегна да ги спомне Украина, која се повлече од ЗНД по руската анексија на Крим во 2014 и Грузија, која го направи истото по 2008 година и кратката војна со Москва.
Русија неодамна побара безбедносни гаранции од НАТО, вклучувајќи ветување дека Алијансата нема да се шири на исток, сметајќи дека премногу е навлезена во нејзината „сфера на влијание“.
Меѓу сојузниците на Русија сè уште се повеќето поранешни советски републики, вклучувајќи ги Белорусија, Ерменија и Казахстан.