петок, 19 април 2024
Претседателски избори 2024

Пендаровски: Немаме потреба од нов устав, но имаме потреба од ЕУ

„Ние сме тие кои се државотворни, од референдумот па до денес. Покажавме дека меѓунационалните односи се оска на внатрешната стабилност. Никогаш не сме поттикнувале кавги на меѓуетничка основа. Ние сме Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби и сите останати што живееме тука. Ние сме граѓани на Македонија и ако сакаме да успееме мора секој секого да почитува независно како му е името, презимето и од која средина доаѓа“, истакна претседателот Стево Пендаровски кој на митинг во Бутел побара нов мандат, кој се осврна и на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за мораториум на напади кон ЗНАМ и Левица.

Објавено на

часот

Сподели

Ние немаме потреба од нов Устав и нови договори, но имаме потреба да ги завршиме обврските и за четири до пет години да станеме членка на ЕУ, каде што одамна заслужуваме да бидеме, истакна Пендаровски.

Осврнувајќи се на тоа што е постигнато во петгодишниот негов претседателски мандат, Пендаровски го потенцираше членството на државата во НАТО.

„Со заеднички сили направивме неколку работи, кои ниту една политичка гарнитура во минатото не ги имаше направено. Пред четири години ја позициониравме Северна Македонија во членство во НАТО Алијансата, што е најголем успех по мое длабоко уверување после независноста, 8 септември 1991 година. Многу држави декларираат независност, меѓутоа само малкумина имаат таква гаранција како што може да ви пружи НАТО Алијансата, каде што членуваат освен нас, 31 друга држава, каде што се најсилните армии, најмоќните економии и најмоќните демократии“, рече Пендаровски.

Тој потенцира дека со членството во НАТО имаме гаранција за територијалниот интегритет и суверенитет, како и за поединечната безбедност на секој граѓанин. Исто така, потсети, започнати се и преговорите за членството во ЕУ.

„Направивме договор со нашиот источен сосед и со Брисел, со што се гарантира македонскиот идентитет и македонскиот јазик и го почнавме процесот кој го чекавме од 2005 година. Покажавме дека кога се има политичка визија, кога се има храброст, кога не се размислува за личниот рејтинг и популарноста, туку се води сметка за идните генерации, тогаш може да се постигнуваат успеси“, додаде Пендаровски.

Во однос на понудата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да коалицира со Левица и ЗНАМ, рече дека е демократски избор секој да коалицира со кого сака, но, како што рече, понудата за коалицирање со неговата партија, уште на првиот ден од кампањата за парламентарни избори, покажува дека тој бара помош.

„Ние среде кампања не бараме помош од пријател. Мене ми се чини дека тоа е јасен знак на слабост, затоа што господинот Мицкоски знае што го очекува на 24 април и на 8 мај. Инаку зошто би барал помош од страна?“,рече Пендаровски.

Според Пендаровски, патот кон ЕУ е единствениот вистински исправен пат, кој нема да не врати назад во балканската неизвесност.

„Во однос на договорот што го постигнавме, Преспанскиот договор со кој влеговме во НАТО, целта на главната противкандидатка од опозициската партија, е ако дојдат на власт да го поништат договорот и да почнат нови преговори. Тие не сакаат да ја видат клучната реченица во тој договор, која вели дека има Македонци има и има македонски јазик, и тие се верификувани на ниво на Обединети Нации, на ниаво на ЕУ и на сите светски организации“, додаде Пендаровски.

Тој напомена дека договорот што го имаме со Брисел за почнување на преговорите содржи клаузула за македонскиот јазик, при што сите европски закони ќе се преведуваат и на македонски јазик, кога ќе станеме полноправна членка на таа организација.

„Но, тоа на опозициската партија не ѝ одговара и им даваат лажни надежи на нашите граѓани дека ние можеме да преговараме и да добиеме подобар договор. Нивната кандидатка вели дека наводно ние сме имале потреба од нов граѓански устав. Дали тоа значи дека во тој нов граѓански Устав нема да има Македонци воопшто? Ниту пак други националности? Ќе има само граѓани на Македонија“, додаде Пендаровски.

Тој сметак дека имаме добар Устав, во кој сите етнички заедници се застапени и имаат еднакви права. Како што рече, ние немаме потреба од нов Устав и нови договори. Додаде дека имаме потреба да ги завршиме обврските и за четири до пет години да станеме членка на ЕУ, каде што одамна заслужуваме да бидеме.

Претходно, Пендаровски на митингот во Шуто Оризари порача дека нашата држава како мултиетничка земја, може да просперира и да оди напред само ако подеднакво ги вреднува сите етнички заедници.

„Ромите за мене се еднакви како и сите останати граѓани. Јас не ги разликувам луѓето по нивната верска или етничка припадност“, рече Пендаровски и посочи дека во рамки на неговиот тим како претседател има советничка која ги адресира проблемите и предизвиците на Ромите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ