Путин ги изнел своите барања во телефонски разговор со Ердоган

Турција мошне внимателно се позиционираше како посредник меѓу Русија и Украина - и се чини дека тоа почна да носи резултати, вели Би-би-си.

Фото: ЕПА

Во четвртокот попладне рускиот претседател Владимир Путин му се јавил на својот турски колега Реџеп Таип Ердоган и му ги претставил прецизните барања на Русија за мировен договор со Украина.

Половина час по завршувањето на тој телефонски разговор, Би-би-си го интервјуирало Ибрахим Калин, главниот советник и портпарол на Ердоган.

Калин бил дел од мала група функционери што го слушале целиот разговор.

Руските барања може да се поделат во две категории.

Првите четири барања, според Калин, Украина нема да има премногу проблеми да ги исполни.

Главно меѓу нив е согласноста на Украина да остане неутрална и да се откаже од идејата за влез во НАТО.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски веќе го прифати тоа.

Во оваа категорија има и други барања, кои главно делуваат како елементи дизајнирани за руската страна да си го сочува образот.

Украина би морала да помине низ процес на разоружување за да покаже дека не претставува закана за Русија.

Рускиот јазик во Украина мора да биде заштитен.

А има и нешто што се вика денацификација.

Тоа е длабоко навредливо за Зеленски, кој и самиот е Евреин, и некои негови роднини настрадале во холокаустот, но турската страна верува дека тоа ќе биде многу лесно за Зеленски да го прифати.

Можеби ќе биде доволно Украина да ги осуди сите форми на неонацизам и да вети дека ќе ги потисне.

Втората категорија ќе биде проблем и во телефонскиот разговор Путин рекол дека ќе мора да има преговори лице во лице меѓу него и претседателот Зеленски пред да се постигне договор за тие точки.

Зеленски веќе претходно изјави дека е подготвен да се сретне со рускиот претседател и да преговара со него лице во лице.

Калин бил многу помалку конкретен за овие прашања, велејќи дека тие го вклучуваат статусот на Донбас во источна Украина, чии делови веќе се отцепија од Украина и ѝ ветија верност на Русија, како и статусот на Крим.

Иако Калин не навлегувал во детали, се претпоставува дека Русија ќе бара од украинската влада да се откаже од територијата во источна Украина.

Тоа ќе биде исклучително тешко, вели Би-би-си.

Друга претпоставка е дека Русија ќе бара Украина формално да признае дека Крим, кој беше незаконски анектиран од Русија во 2014 година, навистина ѝ припаѓа на Русија.

Ако е така, тоа ќе биде горчлив залак за Украина.

Сепак, тоа е практично свршен чин, иако Русија нема законско право на сопственост на Крим и всушност потпиша меѓународен договор, по падот на комунизмот, но пред да дојде Владимир Путин на власт, според кој признава дека Крим е интегрален дел од Украина.

На крајот на краиштата, вели Би-би-си, барањата на рускиот претседател не се толку сурови како што некои луѓе се плашеа дека ќе бидат и едвај да се вредни за сето насилство, крвопролевање и уништување на кои Русија ја подложи Украина.

Со оглед на неговата цврста контрола врз руските медиуми, не би требало да биде премногу тешко за него и за неговите следбеници да го претстават ова како голема победа.

За Украина, сепак, тоа ќе биде извор на голема нервоза.

Доколку деталите за кој било договор не се дефинираат со големо внимание, Путин или неговите наследници секогаш можат да ги користат како изговор за нова инвазија на Украина.

Мировниот договор би можел да потрае долго време за прецизно да се договори, дури и ако прекинот на огнот го запре крвопролевањето во меѓувреме.

Украина претрпе многу во последните неколку недели, а обновата на градовите оштетени и уништени од Русија исто така ќе потрае долго време.

Исто како и повторното сместување на бегалците што ги напуштија своите домови.

Но што е со самиот Владимир Путин?

Има сугестии дека е болен или, можеби, дури и психички неурамнотежен.

Дали Калин забележал нешто чудно кај него за време на телефонскиот разговор?

Ни најмалку, вели тој.

Се чини дека Путин бил јасен и концизен во сѐ што кажал, вели Би-би-си.

Сепак, дури и ако успее да го претстави договорот со Украина како величествена победа над неонацизмот, неговата позиција дома ќе биде ослабена.

Сè повеќе луѓе ќе почнат да сфаќаат дека тој ужасно се преценил, а приказните за војници што се убиени или заробени веќе брзо се шират низ целата земја.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Деновиве адвокатот Тортевски во дебатна емисија рече дека немаме критична маса за држава. Не знам дали е така, но изгледа немаме критична маса за сериозни дебати и дијалози во општеството. 

повеќе

Светска банка проценува дека за секој долар инвестиран во здравството, државата има бенефит од 4 долари во смисла на зголемена економска продуктивност.

повеќе

Провокација е именувањето на бугарските клубови „Борис III“ и „Ванчо Михајлов“. Не можеа ли да бидат со имињата Елин Пелин, Димчо Дебељанов, Черноризец Храбар или Иван Вазов?

повеќе