„Има многу галама за нашите напади на енергетската инфраструктура на соседната земја. Да, го правиме тоа. Но, кој прв почна?“, кажа Путин денес во Кремљ. Истакна дека „критиките нема да ги попречат борбените мисии“.
Нападите на украинската енергетска инфраструктура рускиот претседател ги опиша како одговор за експлозијата на Кримскиот мост и други напади, обвинувајќи го Киев за прекин на далеководните кабли од нуклеарната централа Курск, но и за прекинот на снабдувањето на Доњецк со вода.
„Прекин на снабдувањето со вода на град со над милион жители е чин на геноцид“, кажа Путин, обвинувајќи го Западот за целосен молк за тоа. „Штом почнеме и направиме нешто како одговор, веднаш се крева галама“, истакна рускиот претседател.
Низа западни функционери нападите на украинската енергетска инфраструктура ги нарекоа воено злосторство.