„Советските трупи беа стационирани во Австрија, но доброволно заминаа. Русија, како правна наследничка на Советскиот Сојуз, е гарант на уставниот поредок на Австрија и нејзината неутралност. Многу обични луѓе во Австрија се свесни за тоа и ѝ се благодарни на Русија за оваа позиција. Што се однесува до другите европски земји, ситуацијата е комплицирана“, кажа Путин на средба со студентите.
Путин кажа дека Германија е „најголемата земја во Европа и економски гигант“ и додаде дека Советскиот Сојуз „го формализираше завршувањето на окупацијата“ на таа држава, за разлика од САД, пренесуваат руските агенции.
„По Втората светска војна, Германија беше поделена на четири сектори: американски, британски, француски и советски. Советскиот Сојуз го формализираше завршувањето на тој окупациски статус, но САД не. Стриктно зборувајќи, формално и во правна смисла, на територијата на Германија се наоѓаат американски окупациски сили и таму ги има многу“, наведе Путин.
Истакна дека „и самите германски политичари зборуваат дека Германија по Втората светска војна никогаш не била суверена земја во полна смисла на тој збор“.
Путин денес кажа и дека европските земји „порано или подоцна ќе си го вратат својот суверенитет“, но додаде и дека тоа би можело да потрае.
Откако студентката Дарија Семјонова му раскажа дека била приморана да го напушти школувањето во Виена набрзо откако Русија ја нападна Украина, кажувајќи дека австрискиот државен универзитет од неа побарал да потпише документи во кои Русија била означена како „држава спонзор на тероризам“, Путин кажа дека таа приказна е „пример дека на Европа ѝ недостига независност“.
„Нормално, времето кога Европа некако ќе си го обнови суверенитетот сигурно ќе дојде. Очигледно, за тоа можеби ќе биде потребно некое време“, наведе Путин.