Варијанта на птичјиот грип од типот Х5Н8 е пронајдена кај диви птици на Боденското Езеро.
Според министерството за земјоделство во Баден-Виртемберг, Националната референтна лабораторија при институтот за болести на животните Фридрих Лефлер ги потврдила сомнителните случаи.
Малку е веројатно дека тој вирус ќе се пренесе на луѓето, бидејќи не постојат познати инфекции кај луѓе, пишува Шпигл.
Тоа го разликува од вирусот Х5Н1, кој исто така го предизвикува птичјиот грип, но може да биде опасен и по луѓето.
Х5Н8 е откриен во вторникот во Шлезвиг-Холштајн. Наредено е задолжително затворање на сета живина.
Случаи на птичји грип се забележани и во Полска, Хрватска и во Унгарија. Меѓутоа, не е јасно дали постои врска меѓу сите епидемии и дали станува збор за истата варијанта на вирусот.
Според министерството, повеќе од 30 мртви патки биле најдени во близина на Констанц на западниот брег на Боденското Езеро.
Од ноември 2014 година, на неколку фарми за живина во Германија и во други земји беа откриени високо патогени вируси Х5Н8. Инфекции на луѓе со тие вируси сè уште не се откриени.
„Акутната зачестеност на болестите кај дивите птици загрижува во оваа масовна форма“, изјави Роберт Хабек, министерот за земјоделство на Шлезвиг-Холштајн.