По пожарот

Првите фотографии од внатрешноста на Нотр Дам го откриваат степенот на штетата (ФОТО)

Првите слики од внатрешноста на катедралата Нотр Дам, по пожарот што ја зафати во понеделникот, го покажуваат степенот на штетата.

Покривот и шпицестата кула на легендарната градба се уништени во огнот, но според фотографиите, орнаментните ѕидови на катедралата и дел од нејзиниот инвентар - вклучувајќи златен крст - се нечепнати.

Париската противпожарна служба соопшти дека сите највредни уметнички дела се спасени.

Иако голем дел од дрвената маса се запали, другите делови од структурата го преживеаја огромниот пожар. Официјалните лица наведоа дека главната структура на катедралата, вклучувајќи ги и нејзините две легендарни кули, се зачувани.

Градоначалничката на Париз, Ана Идалго, на Твитер изјави дека со човечки синџир се спасени големи уметнички и религиозни предмети, вклучувајќи ја и Круната од трње и Туниката на свети Луј.

Сепак, дел од дрвената конструкција изгоре во пожарот и е премногу рано за да се процени целосната штета на архитектонското ремек-дело, кое има делови постари од 850 години.

Дрвената рамка на катедралата, која првенствено се состоела од даб, содржи греди што датираат уште од првата конструкција изградена за катедралата. Таа содржеше дрва исечени помеѓу 1160 и 1170 година и е еден од најстарите делови од структурата.

„Најлошото го избегнавме, дури и ако не победивме целосно во битката“, рече францускиот претседател Емануел Макрон на емотивната прес-конференција синоќа.

Денес, дури и додека пожарникарите работат внатре во катедралата, одозгора продолжуваат да паѓаат жарчиња.

На неколку слики се гледа црвениот сјај на пламените што сѐ уште горат во она што останало од таванот.

„Од конструкцијата, која датира од 19 век од едната страна и од 13 век од другата страна, нема да остане ништо“, изјави портпаролот Андре Фино за Ле монд. „Останува да видиме дали сводот, кој ја штити катедралата, ќе биде засегнат или не.“

Поради реновирањето, барем некои уметнички дела на катедралата биле изнесени од локацијата, спасувајќи ги од пожарот. Минатата недела од шпицестата кула, која падна за време на пожарот, беа отстранети статуи на дванаесетте апостоли и на четворицата евангелисти.

Првите фотографии од местото покажаа дека многу од камените резби што ги украсуваат ѕидовите се во голема мера неоштетени, особено на приземјето.

Објавено

Вторник, Април 16, 2019 - 09:30

Демонизирањето на Исламот и неговото постојано поврзување со тероризмот е загрижувачка појава во светот, а и на Балканот.

повеќе

Последните искричења во меѓународниот поредок ја прават нејасна агендата за евроатлантски интеграции на регионот која претставува неопходен услов за долгорочна стабилност на Западен Балкан.

повеќе

Очигледно во градењето на македонското општество заборавивме да ја промовираме правдата како негова примарна цел.

повеќе