Независни експерти се сомневаат во точноста на официјалните кинески податоци за бројот на заразени и смртни случаи, според кои последниот смртен случај од ковид-19 е забележан на 25 јануари 2021 година.
Кинеските власти неодамна забележаа рекордни нивоа на инфекција со коронавирус откако заврши првиот бран во Вухан на почетокот на 2020 година.
Речиси 4.000 нови случаи на зараза се пријавени во 16 кинески покраини, не сметајќи го Хонг Конг.
Бројките се сè уште релативно ниски во споредба со други земји, но поради кинеската политика на нулта толеранција кон коронавирусот, властите и на мали жаришта реагираат сериозно: со масовно тестирање, ограничување на транспортот и правила за карантин.
Неколку милиони кинески граѓани во моментов се во карантин, вклучително и градот Шензен и делови од Шангај, двата најважни економски центри во земјата. Затворени се и неколку делови од главниот град Пекинг со илјадници жители.