Протести во Европа против задолжителната вакцинација

Спремноста за вакцинација се намалува, а бројот на заразените се зголемува. Неколку европски земји презедоа чекори за да ги охрабрат луѓето да се вакцинираат. На протестите не требаше долго да се чека, пишува Дојче веле.

Фото: ЕПА

„Израмнете ја кривата!“ Ова е еден од современите слогани создадени за време на пандемијата на коронавирусот. Под ова се подразбира кривата на секојдневните нови инфекции. Но сега се израмнува уште една крива - кривата на вакцинацијата. Откако на почетокот на годината недостигот од вакцини ги забави кампањите за вакцинација во Европската Унија, сега има „недостиг“ од луѓе спремни да се вакцинираат, наведува ДВ.

Тоа на многу политичари воопшто не им се допаѓа, особено ако ја имаме предвид зголемената вредност на инциденцата, односно бројот на новозаразени на 100.000 жители за седум дена. Во многу земји, повторно пламна дебатата за тоа дали ограничувањата треба да бидат различни за вакцинираните и невакцинираните лица. И дали колективниот имунитет би требало да се постигне со воведување задолжителна вакцинација.

И додека за ова сè уште се расправа во Германија, некои други земји веќе ги презедоа првите чекори. Но тоа не беше добредојдено насекаде и во неколку земји се одржаа протести.

Франција: Задолжителна вакцинација од септември

Во Франција, според властите, над 160.000 луѓе низ целата земја минатиот викенд демонстрирале против плановите на владата. Посебен трн во око беше планираната задолжителна вакцинација за одредени занимања. Од средината на септември, здравствените работници и негуватели, како и членовите на безбедносните служби, мора да докажат дека се вакцинирани за да продолжат да ја практикуваат својата професија. Оние што не можат да го докажат тоа, може да очекуваат суспензија без да им се исплаќа плата.

Демонстрантите сметаат дека ова е недопустливо мешање во правото на луѓето за самоопределување. Протести имаше и против најавата дека дигиталниот сертификат на ЕУ треба да стане услов за пристап до јавните места, како што се музеи, трговски центри, ресторани и барови, но и меѓуградските возови. Таканаречениот „зелен пасош“ покажува дали лицето е вакцинирано, излечено или во моментов е негативно тестирано.

Опозицијата исто така се спротивстави на законот, но на крајот со јасно мнозинство беше усвоена ревидираната верзија на законот. Инаку, во анкетите, мнозинството граѓани гласаа за продолжување на обврската кога станува збор за коронапасошот.

Грција: Вакцинацијата за негувателите од сега е задолжителна

Минатата недела во Грција повторно се протестираше против владините мерки за сузбивање на вирусот. Во средината на јули, владата во Атина донесе одлука за воведување задолжителна вакцинација за медицинските сестри и техничари. Даден им е рок до средината на август да почнат да се вакцинираат, а во спротивно им се заканува суспензија без плата. Новиот закон треба исто така да го олесни привременото вработување заменски персонал.

Од септември, задолжителната вакцинација во Грција ќе се применува на целиот здравствен сектор. Работодавците што вработуваат невакциниран персонал се соочуваат со казни до 200.000 евра.

Посетата на угостителски објекти и културни институции исто така е резервирана само за вакцинираните - негативниот тест веќе не е доволен.

Минатиот четврток, на денот кога парламентот го изгласа законот за задолжителна вакцинација, околу 5.000 луѓе демонстрираа против него низ целата земја. Според полицијата, околу 3.000 луѓе протестирале во Атина, а полицијата користела водени топови и солзавец за да ги држи демонстрантите подалеку од парламентот.

Италија: Протести против „зелениот пасош“

Владата во Италија засега не планира да воведе задолжителна вакцинација, но сепак, за време на викендот, илјадници луѓе демонстрираа во неколку поголеми градови против построгите правила за коронавирусот. Од 6 август, пристапот до затворените простории во Италија ќе биде резервиран само за сопствениците на „зелениот пасош“.

Така, секој што ќе сака да влезе во теретана или базен, музеј или ресторан, ќе мора да се вакцинира. Кога станува збор за бавчите, угостителите ќе можат сами да одлучат дали сакаат да им служат на гостите без коронапасош.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Под менторство на овој истраен истражувач, научник и педагог, се развивале и се формирале многумина трудбеници и афирматори на македонското културно наследство.

повеќе

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода!

повеќе