Томас Кук

Пропадна најстарата туристичка компанија, пола милион луѓе треба да го прекинат одморот

Најстарата светска туристичка компанија Томас Кук денес официјално банкротираше и веднаш престана со работа, пренесе Би-би-си.

Британската агенција за цивилно воздухопловство (ЦАА) објави дека авиокомпанијата со 178 годишно искуство веднаш престанува да превезува патници и е започната акција да се обезбеди враќање на патниците.

Питер Фанкхаузер, извршен директор на компанијата Томас Кук, изјави дека пропаѓањето на компанијата е „тажен настан“ и дека таа престанала да работи откако не успеала да постигне договор со доверителите во тешки преговори преку викендот. Тој им се извини и на патниците и на вработените. Имено поради прекинувањето со работата во прашање се доведени 22.000 работни места во светот, меѓу кои 9.000 во Велика Британија.

Ликвидацијата на компанијата означува крај на една од најстарите британски компании, која го започна животот во 1841 година со организирање локални екскурзии. Преживеа две светски војни, иницијатор е на туристички пакет-аранжмани и на масовен туризам.

Компанијата управувала со хотели, одморалишта и авиони кои угостувале 19 милиони луѓе годишно во 16 земји. Во моментов има 600.000 туристи, претежно од Германија, Велика Британија и Скандинавија, ширум светот, што ја принуди британската влада и осигурителните компании да координираат операција од големи размери за згрижување на клиентите на компанијата.

ЦАА објави дека Томас Кук престана да работи и дека властите подготвуваат авиони кои ќе започнат со враќање на повеќе од 150.000 британски туристи во Велика Британија во текот на следните две недели.

„Би сакал да им се извинам на милиони наши клиенти и илјадници вработени, добавувачи и партнери кои нè поддржуваа со години“, рече Фанкхаузер во изјавата од утрово.

На социјалните мрежи се појавија фотографии од напуштените авиони на Томас Кук, коишто се отстранети од своите позиции на аеродромите и вработени кои ги напуштаат.

Сите летови на компанијата се откажани, а патниците се упатени да не доаѓаат на аеродромите, туку да побараат информации за организирано враќање на веб-страницата на компанијата.

Британските власти ги контактираат и хотелите во кои се сместени гости на Томас Кук за да ги известат дека трошоците ќе ги сноси британската влада преку осигурителните компании. Ова се случи откако во хотел во Тунис гостите биле задржани додека не се реши проблемот со плаќање на нивното сместување.

Колапсот на туристичкиот гигант би можел да предизвика сцени на хаос низ целиот свет, пренесува Ројтерс, истакнувајќи дека туристите сега се наоѓаат во хотели во неплатени простории и во оддалечени дестинации како Гоа, Гамбија или Грција.

Томас Кук пропадна под товар на долгови од 1,7 милијарди фунти, конкуренцијата на онлајн туристичките услуги, промената на туристичкиот пазар на кому не успеа да му се прилагоди и геополитички настани. Минатата година, топлотниот бран во Европа создаде загуби како резултат на откажувањето на патниците од резервациите.

Компанијата во август постигна договор со кинескиот акционер Фосун Туризам и група на банки и сопственици на обврзници во финансиска инјекција „тешка“ 900 милиони фунти. За возврат, кинеската компанија требало да стане сопственик на најмалку 75 проценти удел во туристичкиот бизнис на Томас Кук и 25 проценти удел во авиокомпанијата.

Останатите удели требало да им припаднат на заемодавателите и сопствениците на обврзниците.

Компанијата во последен час била соочена со нови барања да најде дополнителни 200 милиони фунти за да постигне договор со заемодавците за докапитализација, што требало да ѝ помогне да го намали својот долг и да го преброди зимскиот период на слаба побарувачка за патувања.

Ајде од понеделник да се посветиме сериозно на „носење на Европа" во нашата држава.

повеќе

Улогите на „добар и лош полицаец“ ќе ги играат кон нас уште долго, доколку не сфатиме дека со итроманска политика не се може подалеку од Табановце до Богородица.

повеќе

Неделава, владите на ЕУ повторно решија да го одложат започнувањето на преговорите за пристапување со земјите кандидати Албанија и Северна Македонија, што претставува историска грешка - бидејќи безбедноста и стабилноста на Унијата зависат од трансформацијата на југоистокот.

повеќе