„Грчко-францускиот договор е на сила и ќе продолжи. Договорот е постигнат на највисоко можно ниво, како што најави и самиот грчки премиер“, изјави грчки извор за АФП, потврдувајќи ја информацијата од француското министерство за одбрана.
Во согласност со француско-грчкиот договор во вредност околу 3 милијарди евра, најавен со голема помпа на 28 септември во Париз, три одбранбени и интервентни фрегати (кои за потребите за извоз се наречени Белхара) ќе ги градат Навал груп во Лориен, Франција и во 2025 и 2026 година ќе бидат доставени до грчката морнарица. Со договорот е опфатена и можна изградба на четврта фрегата.
„Откако сме во преговори со Грците, американската понуда повеќе не е на маса. Со Грците потпишавме и договор. Тој беше парафиран пред неколку дена“, потврди за АФП француското министерство за одбрана. Американскиот Стејт департмент вчера објави дека е одобрена потенцијална продажба на американски повеќенаменски воени бродови на Атина.
Американската агенција за одбранбено-безбедносна соработка соопшти дека одобрила продажба на четири повеќенаменски воени бродови од компанијата Локхид Мартин, договор вреден 6,9 милијарди долари, само 10 недели откако Атина потпиша меморандум за разбирање со Париз за сличен договор за француски воени бродови. Ова е објавено помалку од три месеци откако Франција остана без профитабилниот договор за продажба на подморници на Австралија.