„Истакнувајќи дека ЕУ би требало да даде приоритет на усогласувањето на земјите кандидати со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, пристапните преговори со Србија би требало да напредуваат само ако земјата се усогласи со санкциите на ЕУ против Русија и да оствари значителен напредок во реформите поврзани со ЕУ“, се наведува во документот.
Како што пренесува Радио слободна Европа, во извештајот се бара да се преиспитаат сите фондови на ЕУ за Србија, за да се обезбеди дека „сите расходи на ЕУ се целосно во согласност со сопствените стратегиски цели и интереси“.
Србија е единствената земја кандидат за полноправно членство во ЕУ која не ѝ воведе санкции на Русија, како одговор на војната во Украина.
Брисел редовно ја повикува Србија да ја усогласи надворешната политика со политиките на ЕУ, особено кога станува збор за рестриктивните мерки против Русија.
Во последниот годишен извештај на Европската комисија забележан е „значителен пад“ на Србија во усогласувањето со надворешната политика на ЕУ.