Косовското министерство во одговорот на постот на портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова, оцени дека тоа не е првпат Русија да се меша во прашањата на регионот со лоши намери.
Захарова објави фотографија со натпис „Косово е Србија“, и додаде дека обидот за забрзување на нормализацијата на односите на Приштина и Белград е деструктивен.
„Секој обид за забрзување на таканаречената нормализација на односите на Белград и Приштина и арбитрарниот рок тоа да се постигне го сметаме за деструктивно. Поважно е да се координира план кој ќе биде и прифатен во јавноста“, напиша Захарова на Твитер.
💬#Zakharova: We regard any attempt to accelerate the so-called ultimate normalisation between #Belgrade and #Pristina and to set an arbitrary timeframe as destructive. It is more important to coordinate a viable plan that will also be accepted by the public pic.twitter.com/ceysfY3bXt
— MFA Russia 🇷🇺 (@mfa_russia) February 26, 2021
Министерството за надворешни работи на Косово соопшти дека тоа не е првпат Русите да се обидуваат да се мешаат за да го избледат западното а да го засилат руското влијание во регионот.
„Изградбата на „хуманитарната“ база во Ниш во близина на Косово, лансирањето на возот кој го спонзорира Русија за насилен влез на Косово, организација на инциденти на северот на државата од руски претставници вработени во Унмик и многу други акции, како и други јавни и нејавни дејствувања на различни меѓународни форуми јасно ја покажуваат руската тенденција да го попречува процесот на помирување и го нарушува мирот во регионот“, соопшти косовското министерство.
Захарова покрај дијалогот ја коментираше и ситуацијата на Косово по изборите на 14 февруари, а според неа Русија ја загрижува радикалната реторика која косовските Албанци ја користеле по победата на Самоопределување и очигледно очекува реакција на Западот на овие „провокации“.
Косовското министерство во соопштението ја потсети Русија дека сите албански партии на Косово имаат јасна прозападна и евроатлантска ориентација.