Во емотивен говор

Принцот Хари првпат се огласи: Многу сум тажен, ама немавме друга опција (ВИДЕО)

Војводата од Сасекс одржа емотивен говор за одлуката тој и неговата сопруга да се откажат од кралските улоги.

Војводата од Сасекс рече дека е тажен поради одлуката да се повлече од кралските должности во неговото прво јавно обраќање за овој потег, кој го окарактеризира како „скок во неизвесноста“.

Одржувајќи говор на приватна вечера во Лондон за добротворната организација Сентебејл, принцот Хари рече: „Ние се надевавме дека ќе продолжиме да им служиме на кралицата, Комонвелтот и на моите воени здруженија без јавно финансирање. За жал, тоа не беше можно“.

Тој рече дека не ја донел одлуката лесно, но дека немало „друга опција“. Говорејќи „не како принц или војвода, туку како Хари“, тој рече дека со Меган ги нашол „љубовта и среќата на кои се надевав целиот мој живот“.

„Знам дека доволно добро ме запознавте во текот на сите овие години за да верувате дека жената што ја избрав за сопруга ги цени истите вредности како и јас. И таа ги цени“, рече тој.

Обајцата направиле сè што можеле за да ги исполнуваат своите улоги за земјата и да го веат знамето, рече тој. „Од тие причини, многу сум тажен што дојде до ова.“ Хари рече дека го повлекува своето семејство од она што отсекогаш го знаел, за да направи чекор напред во она за што се надева дека може да биде помирен живот.

Навидум префрлајќи ја вината на медиумите, тој рече дека тие се „моќна сила“ и додаде дека Велика Британија е неговиот дом „и место што го сакам“.

Изразувајќи благодарност до кралицата и до другите членови на семејството за нивната поддршка, тој рече: „Јас и понатаму ќе бидам истиот човек кому му е драга неговата земја и својот живот му го посветува на поддржувањето на каузите, добротворните организации и воените заедници, кои ми се многу важни.“

Се очекува за неколку дена Хари да одлета за Канада и да им се придружи на Меган и синчето Арчи. Тие планираат поголем дел од времето да поминуваат таму, живеејќи самостојно без никаков финансиски надзор од кралското семејство.

Двојката беше принудена да ги жртвува своите кралски улоги во замена за „целосна и апсолутна“ слобода од финансискиот надзор од Бакингамската палата во врска со комерцијалните зделки, откако им било кажано дека не можат да „седат на две столчиња“.

За време на 10-те дена „интензивни“ разговори помеѓу членовите на кралското семејство и помошниците по објавувањето на бомбата на Хари и Меган, прашањето што предизвика вознемиреност беше како тие би можеле да се впуштат во комерцијални потфати за да станат „финансиски независни“.

Нетфликс е една од светските компании што веќе ги меркаат, вели Гардијан. Шефот за содржини на стриминг-гигантот, Тед Сарандос, за соработката со парот рече: „Па кој не би бил заинтересиран? Да, секако.“

Двојката не сакаше кралското семејство да се меша во ниеден од финансиските договори што тие ги постигнуваат. Условот беше да не можат да ги користат своите кралски титули, иако ги задржуваат.

Освен тоа, тие веќе нема да можат официјално да ја претставуваат кралицата. На парот му било кажано: „Не може да седите на две столчиња“ и тие ја избрале финансиската независност.

Додека нивната иднина останува неизвесна, таткото на Меган, Томас Маркл, со кој таа не зборува, е гласен во своите критики. Говорејќи во документарец на Ченел 5, кој допрва треба да се емитува, тој рече дека парот е во опасност да „се претвори во изгубени души“.

„Тие го претвораат (кралското семејство) во Волмарт со круна“, рече тој.

Според договорот објавен во саботата, нивните нови титули ќе бидат Хари, војводата од Сасекс, и Меган, војвотката од Сасекс. Тие ќе ги вратат јавните средства од 2,4 милиони фунти што ги искористиле за реновирање на куќата Фрогмор, нивната официјална резиденција во Виндзор, која главно ќе остане празна, бидејќи поголем дел од времето ќе престојуваат во Канада. Тие веќе нема да добиваат јавно финансирање преку Кралскиот грант, иако и понатаму ќе бидат приватно финансирани од принцот од Велс.

Ќе го задржат своето покровителство, но Хари, поранешен војник, ќе мора да се откаже од почесните воени титули, вклучувајќи ја и генерал-капетан на Кралските маринци, која му ја предаде принцот Филип.

Иако од нив „се бара“ да се повлечат од кралските должности, тие сепак ќе можат да присуствуваат на семејните пригоди, како што е дефилето на знамиња.

За преговорите се вели дека биле „пријателски“, за разлика од „повреденоста“ и „разочараноста“ на кралицата, Чарлс и на Вилијам поради тајмингот на Хари и Меган да го објават ова без никакво предупредување.

Кралицата, во своето соопштение, ја потврди „интензивната хајка“ на која беа подложени Хари и Меган. Останува прашањето дали таа ќе биде помалку интензивна во Северна Америка, каде што има пошироки слободи за темите како што е приватноста и каде што употребата на папараци фотографии не е ограничена со договорените построги правила на британските медиуми, воведени по смртта на Дајана, принцезата од Велс.

Премиерот Борис Џонсон за двојката изјави: „Мислам дека целата земја им посакува сè најдобро во иднина. Како што реков порано... Сигурен бев дека кралското семејство, кое постои многу долго време, ќе успее да го оствари ова“.

Минхенската безбедносна конференција, која со децении служеше како силен симбол на силата на западното сојузништво, оваа година покажа дека јазот меѓу сојузниците е поголем од кога и да е.

повеќе

Време е да се почне да се размислува што може да значи тоа.

повеќе

Која е логиката на Заев и СДСМ со вчерашниот протест што од сега се гледа дека ќе им биде и наративот за целата кампања?!

повеќе