Хари, војводата од Сасекс и неговата сопруга Меган ја загубија полициската заштита во Обединетото Кралство откако решија да го напуштат кралското семејство во 2020 година. Парот сега живее во Калифорнија со своите деца Арчи и Лилибет.
Принцот сака да ги однесе децата во посета на Британија, но тој и неговото семејство „не можат да се вратат дома“ бидејќи е премногу опасно за нив, рече адвокатот на Хари, како една од причините наведувајќи ги „екстремистичките и неонацистичките“ закани на кои семејството и претходно било изложено.
Принцот тврди дека членовите на неговото обезбедување во САД немаат пристап до информации за безбедноста во Велика Британија, кои се неопходни за тој и неговото семејство да останат безбедни.
Оваа правна акција, која беше покрената во септември, а нејзината цел е да се преиспита одлуката на британското Министерство за внатрешни работи, може да го посрами кралското семејство, кое веќе се соочува со можно судење на принцот Ендру во САД поради обвинувања за сексуални напади.
За да ја заштити монархијата, кралицата Елизабета Втора неделава му ги одзеде сите службени и воени титули на Ендрју, а се шират гласини дека сега принцот сам си плаќа за безбедноста.
Принцот Хари последен пат ја посети Велика Британија минатото лето, кога заедно со неговиот брат Вилијам на 1 јули ја откри статуата на нивната мајка Дајана, која загина во сообраќајна несреќа во Париз во 1997 година, откако беше бркана од папараци.
„Принцот Хари, исто така, со раѓањето наследи доживотен безбедносен ризик. Тој е шести во редот за тронот, служеше две борбени мисии во Авганистан, а во последните години неговото семејство беше изложено на екстремистички и неонацистички закани“, изјави неговиот адвокат.
Портпаролот на британската влада рече дека системот поврзан со заштитата на јавните лица е „ригорозен и пропорционален“, па затоа одби да даде детали за договорите или за покренатите правни постапки.