„Дискредитираниот балкански принц“

Принцот Филип, сопругот на кралицата Елизабета, почина на 99 години

Принцот Филип, војводата од Единбург и сопруг на британската кралица Елизабета Втора, почина на 99-годишна возраст. Бакингемската палата ја потврди неговата смрт.

Фото: ЕПА

Војводата од Единбург, кој беше во брак со британската кралица 73 години, почина на 99-годишна возраст.

Знамињата на значајните згради во Велика Британија се спуштени на половина копје, а најавен е период на жалост.

Здравствената состојба на принцот Филип веќе некое време полека се влошуваше. Тој во мај 2017 година најави дека се повлекува од кралските ангажмани, шегувајќи се дека веќе не може да стои. Последниот официјален јавен настап му беше подоцна истата година за време на парадата на Кралските маринци во дворот на Бакингемската палата.

Оттогаш, тој ретко беше виден во јавноста, најмногу престојувајќи на краличиниот имот Сандрингем во Норфолк, иако се пресели да биде со неа во замокот Виндзор за време на периодите на карантин низ пандемијата на ковид-19, каде што парот тивко ја прослави 73-тата годишнина од венчавката во ноември 2020 година. Тој исто така го прослави својот 99-ти роденден во карантин во замокот Виндзор.

Роден на островот Крф, принцот Филип, кој своевремено се опиша себеси како „дискредитиран балкански принц без посебни заслуги или особености“, одигра клучна улога во развојот на модерната монархија во Велика Британија.

Иако никогаш официјално не му беше дадена титулата принц-придружник, тој живееше живот со неуморни кралски должности, откажувајќи се од својата надежна поморска кариера, за која некои веруваа дека може да го донесе до титулата Прв морски лорд, поради улогата поради која мораше да оди неколку метри зад својата сопруга, вели Гардијан.

Откако ја донесе одлуката, тој се впушти со сето срце во националниот живот, создавајќи си уникатна јавна улога. Тој беше најенергичниот член на кралското семејство со, во текот на многу децении, најпреполната агенда со настани.

Дури и во поодминати години, тој можеше да се види на средбите со народот како крева мали деца над безбедносните огради за да им овозможи да ѝ подадат цвеќе на неговата сопруга.

Честопати тој не добиваше јавно признание за своите потфати. Делумно ова се должеше на неговата непријатна врска со новинарите, кои ги нарекуваше „проклети влекачи“ и чие известување често се фокусираше на неговите гафови. Тој еднаш му рече на поранешниот конзервативен пратеник и биограф Гилс Брандрет: „Станав карикатура. До таму сме дојдени. Морав да се помирам со тоа“.

Војводата знаеше да биде директен и искрен до степен на навредливост. Тој тврдеше дека го смислил зборот „dontopedalogy“: талент за кажување непримерни зборови во незгодни прилики. Склон кон темпераментни испади, никогаш не можеше да ги трпи будалите. Подеднакво, знаеше да биде шармантен, привлечен и духовит - и покажуваше толку искрена љубопитност при своите официјални посети што неговите домаќини беа поласкани.

Иако беше уставно исклучен од главните области на професионалниот живот на кралицата (немаше никаква уставна улога освен како приватен советник и немаше пристап до државните документи), тој се зафати за модернизација на монархијата, за која се плашеше дека може да заврши како музејски експонат.

Токму по негова иницијатива во 1958 година беше укината практиката на претставување дебитанти во дворот. Тој иницираше неформални ручеци во палатата на кои беа поканувани гости од различни средини.

 Кралицата, која приватно се потпираше на него, знаеше да каже: „Што мисли Филип?“ за која било поголема работа што се однесува на кралското домаќинство. Големите одлуки, меѓу кои и нејзината конечна согласност да плаќа данок на нејзиниот приватен приход, укинувањето на кралската јахта Британија, и нејзиното писмо до Чарлс и Дајана во кое им се предлага итен развод, според упатените, биле донесени по консултација со војводата.

Роден во семејната куќа Мон Репос, наводно на кујнската маса, на Крф на 10 јуни 1921 година, Филип бил најмалото дете и единствен син на принцот Ендрју од Грција, офицер во грчката армија, и принцезата Алиса од Батенберг. Семејството избегало кога неговиот татко бил обвинет за велепредавство по тешкиот пораз на Грците од Турците. Тие биле евакуирани со британски воен брод, а едногодишниот Филип бил носен во импровизирано креветче направено од портокалова кутија.

Имал немирно детство, патувајќи од едно на друго место. Неговите родители се развеле; татко му се населил во Монте Карло, каде што направил огромни коцкарски долгови, а мајка му, која била глува, отишла во монахињи, станала депресивна и била примена во азил. Тој подоцна раскажа за распадот на неговото семејство: „Едноставно морав да го прифатам тоа. Се снаоѓате“.

Далечен роднина на кралицата - тие беа трети братучеди - патиштата неколку пати им се вкрстиле пред тој да стане сериозен кандидат во 1946 година, иако се вели дека таа се вљубила во него кога имала 13 години.

Силно амбициозен и комплексен човек, тој се соочил со многу пречки во првите денови од бракот во палатата. Без пари и без титула, естаблишментот го сметал за премногу обичен човек. Џорџ Шести бил ужаснат што неговата ќерка сака да се омажи за првиот човек што го запознала и сметал дека е премногу млада. Кралицата Елизабета, подоцна Кралицата Мајка, никогаш суптилна жена, палаво го нарекувала „Хунот“, референца на неговото мешано данско, руско и германско потекло. Нејзиниот брат Дејвид Боус-Лион го презирал како „Германец“. Дворјаните го гледале како аутсајдер.

Но тој успеа да ги надмине предрасудите и се зафати со создавање улога во која тој ќе стане основна точка на животот во палатата. Опишувајќи ја својата поткрепа во него, Кралицата во говорот за прославата на нивната златна свадба во 1997 година рече: „Тој не е некој што лесно прифаќа комплименти. Но тој, мошне едноставно, беше мојата потпора сите овие години, и јас, и целото семејство, и оваа и многу други земји, му должиме долг поголем отколку што тој некогаш би тврдел, или отколку што ние некогаш би знаеле“.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

На три месеци пред избори, Владата носи закони и уредби со катастрофални последици по граѓаните, што е просто неверојатно.

повеќе

ДУИ, која по конфликтот го вееше албанското црвено - црно знаме, потоа синото, на следните избори ќе го вее зеленото.

повеќе

Што правите министерке, кога ќе посетите еден приватен или државен иниверзитет за да видите што навистина се случува.

повеќе