Преведувач кој помогнал да се спаси Бајден во 2008 оставен во Авганистан

Кога Џо Бајден, тогаш како американски сенатор, во 2008 го посетил Авганистан, заедно со уште двајца американски сенатори, хеликоптерот кој го превезувал морал вонредно да слета во планините поради снежно невреме.

Скриншот

Авганистански преведувач тогаш бил во експедицијата на 82 воздушнодесантна дивизија која дошла да ги спаси Бајден, Џон Кери и Чак Хејгел и да ги одведе на сигурно. Минал повеќе од 30 часа на екстремен студ, заедно со американските и авганистанските војници, следејќи ги сенаторите до нивното одредиште.

Експедицијата, велат американските војници кои учествувале во неа, имала повеќе од 100 престрелки додека не ги извлекла сенаторите, како и актуелниот државен секретар Ентони Блинкен, кој тогаш бил помошник на Бајден.

Преведувачот кој тогаш имал 36 години, познат само по името Мухамед, е еден од илјадниците, ако не и десетици илјади соработници на американските и други западни сили, амбасади и здруженија кои останале заглавени во Авганистан откако заврши евакуацијата на 31 август.

„Поздрав господине претседателе: Спасете нè мене и моето семејство. Не заборавајте ме тука“, го цитираше Волстрит џурнал во вторникот во ексклузивен извештај.

Мухамед се пријавил за специјална емигрантска виза која се доделува во рамки на програмата за евакуација на преведувачите кои им помагале на САД за време на 20-годишниот конфликт, но заглавил кога приватниот концерн за кој работел ги изгубил релевантните документи, пишува Волстрит џурнал.

„Неговото несебично служење на нашите војници е служење за кое би сакал повеќе Американци да го покажат“, напишал потполковникот Ендрју Тол во прилог на неговата апликација за виза.

„Ако можете да му помогнете на само еден Авганистанец, одберете го него“, напишал Шон О’Браен, воен ветеран кој работел со Мухамед во 2008.

За жал, изгледа ништо од тоа не помогнало кога Мухамед кон средината на минатиот месец стигнал до меѓународниот аеродром во Кабул, како и илјадници други Авганистанци кои сакале да избегаат од земјата, стравувајќи од талибанците.

Американските војници пред аеродромот му кажале дека тој може да влезе, но не и неговата сопруга и децата, иако правилото е дека американските соработници кои ги исполнуваат условите можат со себе да го понесат семејството.

„Не можам да излезам од својот дом“, кажа Мухамед за Волстрит џурнал во вторникот, откако последните американски авиони го напуштија Кабул. „Многу сум исплашен“.

Новинарката на Волстрит џурнал Тарини Парти го постави прашањето за Мухамед и неговата трагична ситуација на портпаролката на Белата куќа Џен Псаки истиот ден.

„Кој е вашиот одговор нему и зошто тој и други авганистански сојузници како него се сè уште во земјата, ако претседателот верува, како што кажа, дека мисијата била извонредно завршена?“, праша новинарката.

Псаки на тоа одговори дека администрацијата на Бајден му порачува на Мухамед: „Би кажал дека нашата порака до него е: Ви благодарам што се боревте со нас во последните 20 години. Ви благодарам на улогата која ја одигравте во помагањето на бројни мои најдраги луѓе во извлекувањето од невремето. Нашата посветеност е трајна, не само кон американските граѓани, туку и кон авганистанските партнери“.

Псаки вети дека Вашингтон ќе направи сè што може за да ги извлече него и другите како него во „дипломатската фаза“.

Легенда под Главна слика

Скриншот

Можеби поради еуфоријата што ја донесе туризмот - и желбата на самите жители на Грција да уживаат во одморите - пошироката јавност беше подготвена да ги толерира дневните бројки на новозаразени (во просек помеѓу 2.000 и 3.000 случаи во текот на летото). 

повеќе

Насловот асоцира и на резултатите од изборите, кои, кога ќе излезе оваа колумна, ќе бидат познати, иако најретко споменуван збор во кампањата беше зборот ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА, кој е единствен начин за остварување на сите „големи“ ветувања што ги слушнавме изминативе две недели.

повеќе

Опонентите на академик Блаже Ристовски во Македонија го квалификуваа како националист, во белградскитe кругови  го именуваа како „бугарофил“, а во Бугарија го нарекуваа „Југословен“ и „србокомунист“. А тој си остана ист, исправен пред нападите и секогаш подготвен да им одговори на критичарите.

повеќе