Нурсултан Назарбаев

Претседателот на Казахстан поднесе оставка по три децении владеење

Назарбаев ќе ги задржи клучните позиции во безбедносниот совет и како партиски лидер.

Претседателот на Казахстан, Нурсултан Назарбаев, денеска неочекувано поднесе оставка, по три децении на власт, велејќи дека на неговата централноазиска нација, богата со нафта, сега ѝ требаат „нова генерација лидери“.

Назарбаев (78), последниот лидер од советската ера што сè уште е на власт во својата земја, рече дека ќе ги задржи клучните позиции во безбедносниот совет и како лидер на партијата, предавајќи му го претседателствувањето на еден од своите лојални сојузници до крајот на својот мандат, кој завршува во април 2020 година.

„Донесов одлука, што не ми беше лесно, да поднесам оставка како претседател“, рече Назарбаев на телевизиско обраќање пред да го потпише декретот со кој од 20 март престануваат неговите овластувања.

„Како основач на независната казахстанска држава, сега мојата задача ја гледам во олеснување на подемот на нова генерација лидери, кои ќе продолжат со реформите што се во тек во земјата“.

Неговата одлука ја погоди цената на казахстанските обврзници, па дури се чини дека влијаеше и на руската рубља. Москва е главниот трговски партнер на Казахстан, а Назарбаев има блиски врски со рускиот претседател Владимир Путин.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за новинската агенција ТАСС изјави дека Путин и Назарбаев во вторникот попладне зборувале по телефон, но додаде дека прес-службата нема информации за содржината на разговорот.

„Прес-службата на Кремљ нема сега да коментира“, рече Песков.

Валентина Матвиенко, спикерката на горниот дом на рускиот парламент и близок сојузник на Путин, рече дека оставката на Назарбаев е неочекувана и мошне сериозна, објави новинската агенција РИА.

 

Нема јасен наследник на повидок

Касим-Јомарт Токаев, претседател на горниот дом на парламентот, ќе ја преземе функцијата претседател на Казахстан во остатокот од мандатот, според Уставот, рече Назарбаев.

Токаев (65) е професионален дипломат, образован во Москва, кој зборува казахстански, руски, англиски и кинески јазик, а претходно беше министер за надворешни работи и премиер на Казахстан.

Назарбаев, поранешен челичен работник, кој како претседател помогна да се привлечат десетици милијарди долари од странските енергетски компании и за повеќе од трипати го зголеми производството на нафта во Казахстан, рече дека ќе продолжи да претседава со Советот за безбедност и ќе остане лидер на партијата Нур Отан, која доминира во парламентот.

Поранешниот претседател на Комунистичката партија во 1991 година ја поведе својата нација од 18 милиони луѓе кон независност од Москва. Тој освои 97,7 отсто од гласовите на последните претседателски избори во 2015 година и нема очигледен долгорочен наследник.

Казахстан треба да одржи и претседателски и парламентарни избори следната година.

Владата на Назарбаев во последниве неколку месеци промовираше голем број популарни политики - вклучувајќи зголемување на платите во јавниот сектор и принудување на претпријатијата да ги намалат и да ги замрзнат тарифите - поттикнувајќи шпекулации дека тој се подготвува да се кандидира за реизбор.

Кина му дава на регионот нова надеж додека сонот за ЕУ се распаѓа, вели Политико.

повеќе

Северна Македонија стана кандидат 9 години пред Албанија и нема ништо лошо побрзо и да оди напред.

повеќе

Сега, додека балканскиве политичари ќе шетаат низ духовноста како волови во свила - каде им се врвните интелектуалци што би внеле елеганција во совладување на споровите?

повеќе