Сегашната пандемија на корона сè уште не е завршена - а вирусологот Кристијан Друстен веќе сака да го истражува следниот вирус. Лекарот од Шарите сака во иднина да им се посвети на вирусите Мерс. Тие можат да предизвикаат фатални респираторни инфекции, вели Дростен за германското бизнис-списание Капитал.
Дростен вели дека коронавирусот добил доволно внимание од науката и дека веќе сè се прави на тој план.
Затоа тој има намера, како што објасни, да формира мала работна група што ќе му биде посветена на новиот вирус.
Според институтот Роберт Кох (РКИ), вирусот МЕРС (Средноисточен респираторен синдром) спаѓа во групата коронавируси и првпат се појавил во 2012 година на Арапскиот Полуостров. Во Европа се регистрирани само мал број увезени случаи - според РКИ тројца луѓе досега се разболеле од него во Германија. Мерс-КоВ исто така е зоонозен патоген, односно може да се пренесува од животните на луѓето. Светската здравствена организација ги идентификуваше едногрбите камили како најверојатен извор на инфекција.
Според РКИ, нема докази за постојан, неконтролиран пренос од човек на човек. Сепак, инфекциите може да се следат до лица со кои заболените биле во контакт. Според РКИ, неоткриените инфекции може да доведат до големи епидемии. На пример, во 2015 година имаше епидемија во болница во Јужна Кореја, предизвикана од увезен случај на Мерс, вели германски Фокус. За неколку недели се заразиле 186 лица, медицински персонал, членови на семејствата, колеги пациенти и нивни роднини. Вкупно имало 38 смртни случаи.
Како и Сарс, и Мерс предизвикува инфекции на дишните патишта, поради што Светската здравствена организација го наведе вирусот меѓу „приоритетните болести“, на кои им се посветува големо внимание.