Единствената земја која употребила атомско оружје во конфликт

Пред 77 години САД фрлија атомска бомба на Хирошима

Во Хирошима денес ѕвонеа ѕвоната додека градот ја одбележува 77-годишнината од првото атомско бомбардирање во историјата.

EPA-EFE

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш им се придружи на илјадници во Паркот на мирот во центарот на Хирошима за да ја одбележат годишнината од американското бомбардирање во кое беа убиени 140.000 луѓе на самиот крај на Втората светска војна.

Ова е само вторпат генералниот секретар на ОН да учествува на годишната церемонија во Хирошима. „Нуклеарното оружје е бесмислица. Не гарантира безбедност – само смрт и уништување“, кажа Гутереш. „Три четврти век подоцна, мораме да се прашаме што научивме од облакот во форма на печурка кој се надви над овој град во 1945“.

На 6 август 1945 во 8:15 часот наутро, американскиот воен авион Б-29 „Енола Геј“ ја фрли бомбата со прекар „Малото момче“ и го уништи градот во кои живееја околу 350.000 луѓе. Денес се огласи Ѕвоното на мирот, а насобраните, вклучувајќи го јапонскиот премиер Фумио Кишида кој е од Хирошима, оддадоа почит со минута молк во точното време кога експлодирала бомбата.

Кишида, кој ја одбра Хирошима како место на одржување на самитот на Г7 следната година, го повика светот да се откаже од нуклеарното оружје.

„Ќе продолжиме кон идеалот на нуклеарно разоружување дури и со актуелната тешка безбедносна ситуација“, кажа јапонскиот премиер.

По катастрофата во Хирошима следеше нуклеарната бомба врз Нагасаки, фрлена од американската војска на 9 август 1945, со која беа убиени над 75.000 луѓе. Јапонија се предаде шест дена подоцна, со што заврши Втората светска војна.

Соединетите Американски Држави остануваат единствената земја во светот која употребила нуклеарно оружје во конфликт.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Работите во Македонија забегаа до тој степен што за нив мора да се пишува отворено, „револуционерно“.

повеќе

Минатата недела во јавноста се актуелизираше дискусијата за концептот на даночната реформа.

повеќе

Војната во Украина ја разоткри вистината за Русија, но и вистината за Европа. 

повеќе