Пратениците на ЕП бараат постапка против Будимпешта поради мерките: Запрете го Орбан

Пратениците на Европскиот парламент побараа од Европската комисија да покрене постапка против Будимпешта поради кршење на правилата на ЕУ и да го запре финансирањето на оваа земја од ЕУ-фондовите според процената на владеењето на правото во Унгарија.

„Запрете го Орбан“ е порака на мнозинството пратеници на Европскиот парламент. На бурната расправа посветена на мерките што ги воведе Унгарија во рамките на борбата против пандемијата на коронавирусот е оценето дека Виктор Орбан ги урнал демократските вредности и го крши владеењето на правото со тоа што за себеси и за партијата што ја води овозможил неограничена власт без рок на траење и ја ограничил слободата на говор.

Пратениците на унгарски Фидес, кои во Европскиот парламент се дел од групата на Европската народна партија (ЕПП), сметаат дека почнување расправа е бесмислено, обвинувајќи ги политичките противници дека ја исконструирале аферата.

Само неколку пратеници застанале во одбрана на Фидес, наведувајќи дека Унгарија не е единствената што донела слични мерки. Меѓутоа, мнозинството ја критикувало Будимпешта, па дури и одделни пратеници од редовите на ЕПП биле против унгарските власти.

„Гледаме дека либералите и левицата одвај чекаат да ја нападнат Унгарија и тоа го прават секој месец. Сакаат да водат празни идеолошки расправи наместо да зборуваат за тоа што е важно за граѓаните на земјите-членки“, рече Андор Дали од Фидес во ЕП.

„Што чека советот, што чека Комисијата? Би требало нешто да се направи и тоа да се решава. Тука сме да ги чуваме основните права и демократијата. Не можеме да дозволиме ова да продолжи. Тишината значи соучесништво“, порача Гарсија Перез Ираче од С&Д.

„Историјата нè учи дека секоја вонредна состојба без утврден рок го прекршува дејствувањето на институциите и води кон авторитарен режим. Затоа Комисијата мора итно да реагира и да ѝ воведе санкции на унгарската влада додека не почне да го почитува европскиот закон“, кажа европарламентарката Марија Спираки.

Пратениците побараа од Европската комисија да ја доврши проверката на мерките што се воведени во Унгарија и да почне постапки поради повреда на правото. Посебно побараа прекинување на исплатата на таа земја од европските фондови ако не го почитува владеењето на правото, но и почнување постапки според чл. 7, што парламентот веќе го иницираше.

Во Европската комисија признаваат дека постои проблем.

„Постои особена загриженост за случајот на Унгарија. Воведените мерки се пошироки и посеопфатни од другите земји-членки, во контекст на големи овластувања, кои се без временско ограничување. Криминализацијата на ширењето лажни информации во врска со кризата не е јасно дефинирана, а постојат мошне строги казни. Тоа предизвикува можна загриженост во смисла на правната сигурност, а може да влијае и врз слободата на изразувањето. Постои загриженост и во врска со познатиот контекст во Унгарија во однос на владеењето на правото и почитувањето на основните вредности. Европската комисија внимателно ги следи кризните овластувања во Унгарија“, рече Вера Јурова, потпретседателка на Европската комисија.

Претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли со писмо го повика Виктор Орбан да учествува во расправата, но тој го одби тоа. Наместо тоа, предложи на парламентот да му се обрати унгарскиот министер за правда, но пратениците ова не го прифатија. 

„Новото нормално“ неизбежно со себе ќе носи неизвесност и страв бидејќи заканата од вирусот наѕира во позадина и не може да се искорени.

повеќе

„Шарената револуција“ беше енергија и граѓански порив за промени. Малку застранивме.

повеќе