На крајот на годинава Велика Британија ќе го напушти единствениот пазар на ЕУ и царинската унија, по повеќе од четири години од победата на опцијата брегзит на референдумот.
Сепак, рекорден процент Британци за анкетната агенција „Југов“ рекле дека сега веруваат дека гласањето за брегзит било погрешна одлука.
Според резултатите од најновото истражување, 51 процент од испитаниците одговориле позитивно на прашањето дали Велика Британија не била во право кога е изгласано напуштањето, 38 проценти сметаат дека е во право, а 11 проценти не знаат.
Кога од одговорот ќе се исклучат сите одговори „не знам“, 57 проценти од Британците сметаат дека било погрешно да ја напуштат ЕУ, наспроти 43 проценти што сметаат дека тоа е правилна одлука.
Ова е најголем степен на поддршка за процената дека брегзитот бил погрешен што ја забележала агенцијата „Југов“.
Новите резултати од испитувањето беа објавени во време кога преговарачите во Велика Британија и ЕУ се обидуваат до крајот на годинава да постигнат договор и да го ратификуваат новиот трговски договор.
Двете страни изразуваат уверување дека следната недела ќе биде постигнат договор за да имаат доволно време за ратификација пред Нова година.