Повеќе од 80 училишта се затворени во Франција поради коронавирусот

Вкупно 81 училиште и околу 10 универзитети во Франција се затворени по само 15 дена работа поради појава на коронавирусот, соопштија денеска ресорните министри.

Фото: ЕПА

Францускиот министер за образование Жан-Мишел Бланкер прецизираше дека треба да се затворат нешто повеќе од 2.100 паралелки, што е околу 0,13 проценти од 60.000-те училишни институции во земјата.

„Овие бројки сè уште се многу ограничени. Ова е добар почеток на учебната година, најдобриот можен со оглед на здравствената криза“, рече францускиот министер за телевизијата ЛЦИ.

Тој прецизираше дека има скоро 1.200 нови случаи на зараза со коронавирусот меѓу учениците во споредба со претходната недела, потсетувајќи на правилото дека класот се затвора кога има повеќе од тројца позитивни ученици.

Француската министерка за високо образование Фредерик Видал рече дека случаите на коронавирус се појавиле главно поради приватни собири на студенти, и тоа на десетина универзитети, и дека некои факултети уште не ја ни почнале новата учебна година.

Дел од наставата на Медицинскиот факултет во Монпелје вчера беше прекинат на две недели, откако околу 60 студенти по една забава беа позитивни.

Наведувајќи дека е свесна за „тешкиот контекст“ за сите млади луѓе „што се лишени од социјалните врски“, министерката Видал, сепак, апелираше тие да бидат одговорни.

Главниот студентски синдикат призна дека студентската одговорност е неопходна, но исто така побара повеќе средства за институциите, посочувајќи дека нема доволно маски, дека амфитеатрите се полни и дека е потребно да се формираат центри за тестирање во рамките на самите универзитети.

Вчера во Франција беа регистрирани 8.000 новоинфицирани со коронавирусот, со 2.713 хоспитализирани во последните седум дена и 470 нови пациенти на одделите за интензивна нега, каде што сега има вкупно 752 лица, претежно во регионот на Париз и на југоистокот на земјата. Сепак, ова е далеку помалку отколку во почетокот на април, кога 7.000 луѓе беа во сериозна состојба.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Во либералните демократии веќе со години се продлабочува политичката поларизација, се намалува довербата во владеењето на правото и, институционално гледано, состојбата општо се распаѓа.

повеќе

Како по ѓаволите успеаја политичарите да го претворат токму Гоце Делчев во повод за поделби и омраза?

повеќе

Независна Македонија не може да се пофали со успешно менаџирање на етничките прашања, а првите „грешки“ се прават во првите денови од независноста.

повеќе