Повеќе од 60 лица загинаа во поплавите во Германија и Белгија (ВИДЕО)

Повеќе од 60 лица загинаа, а десетици се водат како исчезнати откако поплавите во Германија и Белгија ги претворија улиците и потоците во опасни порои, носејќи автомобили со себе и предизвикувајќи уривање на зградите.

Фото: ЕПА

Властите во сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија соопштија дека најмалку 30 лица загинале, додека сојузната покраина Рајнска област-Пфалц, во југозападна Германија, пријави 28 жртви.

Белгиските медиуми јавуваат дека во таа земја загинале осум лица.

Едно од најтешко погодените германски села е Шулд, каде што се урнаа неколку куќи, а се трага по десетици луѓе, пренесува АП.

Спасувачките операции се отежнати од блокираните патишта и прекините во телефонската и интернет-мрежата низ целиот Ајфел, венец од планини со средна висина во западна Германија.

Некои села се претворени во урнатини бидејќи старите куќи направени од тули и дрвја не можеле да го издржат ненадејниот наплив на вода, која носела дрвја и други остатоци додека течела низ тесните улички.

Десетици луѓе се спасени од покривите на нивните куќи со помош на гумени чамци и хеликоптери, а стотици војници се распоредени да помогнат во обидите за спасување.

„Никогаш порано не сме виделе таква катастрофа“, рече премиерот на покраината Рајнска област-Пфалц, Малуз Дрејер.

Во Белгија се излеала реката Вездре, а водата татнела низ улиците на Пепинстер, близу Лиез, каде што се случила несреќа за време на спасувачката операција од пожарникарите, кога се превртел мал брод и исчезнале три стари лица.

Обвинителството соопшти дека неколку тела биле пронајдени во Вервје, но не може да ги потврди наводите на локалните медиуми дека загинале четири лица.

Главните автопати се поплавени во јужните и источните делови на земјата, а железничката служба објави дека е прекинат целиот сообраќај.

Во Лиеж, град со 200.000 жители, вчера се излеала реката Меза, а градоначалникот ги замолил луѓето што живеат во близина да се преселат на повисоки места.

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека е шокирана од несреќата и страдањата на луѓето во погодените области.

„Шокирана сум од катастрофата и од фактот дека страдаат многу луѓе во погодените области“, рече таа, пренесе нејзиниот портпарол Штефан Зајберт на Твитер.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајан вети дека ќе им помогне на погодените од поплавите.

„Моите мисли се со семејствата на жртвите од разорните поплави во Белгија, Германија, Луксембург и Холандија и оние што ги загубија своите домови“, рече претседателката на ЕК на Твитер, додавајќи дека ЕУ е подготвена да помогне.

Во последниве денови, бурите низ Западна Европа предизвикаа излевање на реките, што резултираше со брзо поплавување во текот на ноќта, бидејќи земјиштето потопено од дожд не успеваше да впие повеќе вода.

Целосниот обем на штетата во регионот сè уште не е целосно јасен, бидејќи многу села се отсечени поради надојдените води и свлечиштата. Многу жртви беа откриени дури откако надојдените води почнаа да се повлекуваат.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Tреба да ја прифатиме технологијата, наместо да се плашиме од неа, а и игрите се дел од тој процес. 

повеќе

Moжно ли е стотици кандидати за градоначалници три недели да ветуваат, а никој да не каже од каде средства за таа намена т.е. никој да не го спомене зборот децентрализација кој претставува клуч за било какво ветување?

повеќе

Капиталното дело на Танас Вражиновски „Македонска народна митологија“, упатува на потребата нашата наука постојано да се враќа на извориштата на македонската култура и писменост, создавани од светите браќа Кирил и Методиј и од нивните ученици и следбеници, светите Климент и Наум Охридски. 

повеќе