„Жал ни е, не сме ве признале“

Посраменото Косово ќе бара одговорност за лажната информација откако Јамајка негираше дека го признала

Поцрвенетиот косовски министер за надворешни работи ја обвини амбасадорката во САД дека ја дала неточната информација дека Јамајка го признала Косово и предупреди дека ќе се бара одговорност за гафот, објави Балкан инсајт.

Министерството за надворешни работи и трговија на Јамајка соопшти дека оваа држава во Карипско Море не донела одлука да го признае Косово како независна држава.

„Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Јамајка е запознаено со јавните информации за признавање на Косово како независна држава. Владата на Јамајка постојано разгледува прашања како што е ова. Сепак, досега Јамајка нема донесено никаква одлука за ова прашање“, се вели во соопштението.

Ова министерство жали за недоразбирањето.

„Жал ни е што има недоразбирање во врска со ставот на Јамајка“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи.

Еден ден откако претседателот Хашим Тачи и министерот за надворешни работи, Глаук Коњуфца, објавија дека карипската земја го признала Косово, прво во петокот министерката за надворешни работи на Јамајка, Камина Смит, ја негираше информацијата преку Твитер. „До денес, Јамајка го нема признаено Косово како независна држава“, напиша Смит.

Коњуфца тврдеше дека лажната информација ја добил од амбасадорката на Косово во САД, Вљора Читаку. Претседателот Тачи исто така рече дека ги добил информациите од Читаку. „Амбасадорката ја испрати истата дојава до кабинетот на премиерот и до министерот за надворешни работи“, изјавиле за Балкан инсајт од кабинетот на претседателот.

Коњуфца во петокот на Фејсбук вети дека „ќе преземе дејства во согласност со сите одговорности“. Тој изјави дека владата добила погрешен впечаток дека признанието е сигурно и, и покрај неуспехот, вети „подготвеност да иницира воспоставување дипломатски односи меѓу нашите две држави“.

Пратеничката на Самоопределување Фиторе Пацоли рече дека Читаку треба да биде отпуштена поради погрешната информација и дека чекорите за чистење на дипломатската служба сега треба да бидат проширени и да ги вклучат и амбасадорите.

Во четвртокот Коњуфца разреши 14 странски конзули именувани од претходната влада, наведувајќи дека нивните назначувања биле нетранспарентни, па дури и нелегални.

Косовскиот медиум Коха, пак, објави дека Читаку всушност им рекла на приштинските власти да ја „почекаат вербалната нота“ од Јамајка пред да објават нешто за признавањето. Читаку досега нема дадено изјава за оваа ситуација.

„Новото нормално“ неизбежно со себе ќе носи неизвесност и страв бидејќи заканата од вирусот наѕира во позадина и не може да се искорени.

повеќе

„Шарената револуција“ беше енергија и граѓански порив за промени. Малку застранивме.

повеќе