Портпаролот на талибанците: Бедата во Авганистан е резултат на американската окупација

Официјалниот портпарол на талибанците во Авганистан Забихулах Муџахид истакна дека талибанците во моментов работат на формирање влада, по што ќе следи нормализација на ситуацијата, а ги обвини Американците дека се виновни за бедата која денес владее во таа земја.

EPA-EFE

Муџахид, во интервју за виенски Кронен цајтунг, на констатацијата дека на аеродромот не е осигурена безбедност, потсетувајќи на терористичкиот напад на ИСИС, кажа дека такво нешто се случува таму каде „Американците го имаат главниот збор“.

„Кога САД своите трупи ги преместија од Кабул на аеродромот, ги повикаа сите кои сакаат во Америка или Европа да дојдат таму. Тоа можеше само да се претвори во хаос кој беше искористен за тероризам. Исламскиот Емират го осудува нападот врз цивилите на аеродромот во Кабул. Исламскиот Емират внимава на безбедноста на своите граѓани и каде што имаме контрола, спречуваме такви дејства. Кабул е сега безбеден, а тоа важи и за провинциите“, кажа тој.

Муџахид, на прашањето која била намерата на Американците во Авганистан да се задржат две децении, кажа дека тоа има пред сè геостратегиски причини.

„Сакаа да имаат база и да останат засекогаш, за од тука да ги контролираат азиските и другите земји од регионот. Меѓутоа, авганистанскиот народ сака слобода и не трпи странски сили. Ние им пруживме отпор на Американците и ги натеравме да ги повлечат трупите“, истакна тој.

Кажа дека Американците во текот на двете децении не направиле ништо за Авганистан освен што ја продолжиле војната, го бомбардирале народот и ја уништиле економијата на земјата.

Според него, Американците ја поттикнувале сиромаштијата и производството на наркотици, а дека бедата која денес владее е достигнување на 20-годишната американска окупација.

На прашањето зошто Авганистанците ја напуштаат својата татковина, одговори дека тоа е од страв предизвикан од пропагандата.

„Тие сакаат да заминат иако им ветуваме безбедност. Некои сакаат да емигрираат во Европа или Америка и тоа не е ништо ново. Од секогаш особено младите се обидувале, преку Турција и Грција, да стигнат во Европа. Тоа не е само проблем на Авганистан, туку поради сиромаштијата која владее и во Пакистан и во други земји“, смета Муџахид.

Тој истакна дека талибанците сите, кои имаат пасоши и визи, ќе ги пуштат да патуваат.

„Во принцип Авганистанците имаат право да патуваат каде сакаат. Но не баш сега кога владее хаос на аеродромот. Се обидуваме да го намалиме притисокот. Тие кои немаат документи не треба да одат на аеродромот. Тоа нема да го дозволиме. Подоцна ќе најдеме начин тие кои сакаат да патуваат, да можат да го направат тоа“, објасни портпаролот на талибанците.

Муџахид истакна дека Авганистанците треба да останат во земјата и дека талибанците не се среќни кога граѓаните го напуштаат Авганистан.

„Нашата цел е Авганистанците да не ја напуштаат татковината, да не тргнат по емигрантските рути. Знаеме дека состојбата во Европа за нашите бегалци е сè освен розева. Жените и децата се сместуваат во страшни колективни центри. Авганистан е нашата заедничка земја. Тие кои сакаат да заминат нека се стрпат. Нашата економија ќе се опорави, ќе создаваме работни места, а безбедносната ситуација уште сега е стабилизирана“, кажа тој.

Што се однесува до правата на жените, вели дека талибанците ќе им ги обезбедат сите права кои шеријатскиот закон ги предвидува за жените.

„Жените се наши граѓани и имаат право да живеат добро во нашата земја. Нашиот закон и нашата традиција не се насочени против жените. Тие права се за жената да живее тука безбедно и да се чувствува сигурно. Ние на жените ќе им обезбедиме исламско право, ќе им овозможиме образование и услови за работа. Во моментов работиме на сето тоа“, кажа Муџахид.

Прашан за провинцијата Панџшир, која им се спротивставува, тој кажа дека не станува збор за голем проблем и дека талибанските трупи ја опколиле таа провинција од сите страни.

„Меѓутоа, не сакаме таму да ја продолжиме војната. Сакаме со дијалог да дојдеме до решение. Ако не успееме во тоа, тогаш тој проблем воено ќе го решиме“, истакна Муџахид.

Што се однесува до Исламска држава, кажа дека таа не постои таму каде што талибанците имаат контрола, а дека во Авганистанците кои се вратиле од боиштата во Сирија и Ирак не гледа опасност.

Муџахид кажа дека талибанците сакаат добри односи со Европа и истакна дека е неправедно воведувањето санкции и замрзнувањето на парите.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Tреба да ја прифатиме технологијата, наместо да се плашиме од неа, а и игрите се дел од тој процес. 

повеќе

Moжно ли е стотици кандидати за градоначалници три недели да ветуваат, а никој да не каже од каде средства за таа намена т.е. никој да не го спомене зборот децентрализација кој претставува клуч за било какво ветување?

повеќе

Капиталното дело на Танас Вражиновски „Македонска народна митологија“, упатува на потребата нашата наука постојано да се враќа на извориштата на македонската култура и писменост, создавани од светите браќа Кирил и Методиј и од нивните ученици и следбеници, светите Климент и Наум Охридски. 

повеќе