Поранешниот шеф на британската дипломатија: Клучот е Балканот, таму треба да се испратат НАТО трупи

Поранешниот државен секретар на Британија и поранешен лидер на Конзервативната партија Вилијам Хејг истакна дека тензиите во Босна и Херцеговина би можеле да ја турнат цела Европа во криза.

EPA-EFE

Хејг во авторски текст за весникот Тајм објаснувањето на својот став го почна со актуелните односи на европските земји со Русија, истакнувајќи дека Германија е една од земјите кои клекнале пред руското влијание.

„Постојат две нешта кои никогаш не ги заборавив од својата прва средба со Путин. Едното беше тоа што ги има најстудените очи кои некогаш сум ги видел, а другата дека едноставно сакаше да ни продаде многу гас. Некои од нашите сојузници не беа отпорни на оваа стратегија. Германија ја дозволи изградбата на Северен тек 2, а коалицијата која треба да ја формира новата власт се мачи во преговорите и со ова прашање“, наведе Хејг.

Тој вели и дека кога Берлин ќе се согласи на тоа, Украина и други ќе бидат поизложени на тоа Путин да го намали протокот во гасоводите од кои тие држави зависат. „Секоја слаба точка на западните земји се искористува. Полска, отуѓена од своите партнери во ЕУ, се соочува со сурова бегалска криза. На Унгарија ѝ недостигаат пријатели во Брисел, но ги наоѓа во Москва. Десетици илјади руски војници се трупаат на границата и во близина на Украина и мора да се прашаме што може да се направи на овој план“, напиша Хејг.

Поранешниот британски дипломат истакна дека за секоја од овие закани постојат одговори кои Западот може да ги примени против Русија. Меѓутоа, според него, клучната област по ова прашање е Балканот.

„Историјата многу пати покажа дека ги занемаруваме опасностите на Западниот Балкан. Тоа беше жариште во 1914 година и поприште на најкрвавите војни во Европа во деведесеттите години. Тука Русија се обиде да ги осуети тежнеењата на милиони луѓе да живеат во стабилни и западно ориентирани држави. Обидот за државен удар во Црна Гора, интервенциите на референдумот во Македонија и сè поцврстиот притисок врз политичкиот и деловниот живот во Србија. За да се заокружи хаосот, ЕУ ги затвори своите врати за проширување, а Британија го изгуби влијанието преку брегзитот“, наведува тој.

Смета дека Западот, вклучувајќи ја Британија, не може да си го дозволи луксузот да ги игнорира случувањата на Балканот.

„Милорад Додик со години ја поткопува државата Босна и Херцеговина со активна поддршка од Русија и Србија. За Москва ова значи блокирање на евроинтеграциите. Босна би била како Украина, Грузија и Молдавија, земја која нема можност да се придружи на НАТО или некогаш да функционира како нормална земја. Во последните недели ситуацијата стана сериозна. Додик се ближи кон отцепување. Изјави дека ќе ја врати војската на босанските Срби, онаа војска виновна за геноцидот во Сребреница. Тој се труди да ја искористи слабоста на Западот за да ја забрза кризата која води кон повторно исцртување на мапите, со територија која би била приклучена на Србија“, наведе поранешниот дипломат.

Во заклучокот се осврна на неопходноста на испраќање НАТО трупи во БиХ.

„Малите европски воени сили, попознати како Еуфор, би требало да бидат засилени со НАТО трупи распоредени на стратегиски битни подрачја како Брчко и аеродромот во Тузла. Тоа звучи драматично, но само сила и решителност ќе нè оддалечат од големи неволји. Колапсот во Авганистан покажува што се случува кога Западот не внимава. Не може да се дозволи истото да се случи на европскиот континент. Западот мора да погледне во студените очи на Владимир Путин и да се соочи со неговите тактики. Балканот е клучното место за почеток на тоа“, заклучи Хејг.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

повеќе

Овој отпад, освен тоа што ја загадува животната средина, исто така предизвикува дефекти во машините, ги оштетува контејнерите и го спречува транспортот на друг отпад.

повеќе

Нема простор за двоумење и губење време, затоа Македонија и Бугарија треба да соработуваат што е можно поскоро за да најдат јасен јазик за разбирање, во процес кој би бил следен од ЕУ, Вашингтон и ОН.

повеќе