Германската владејачка коалиција, предводена од Социјалдемократите (СПД), партија на која ѝ припаѓа и Шредер и која некогаш ја водеше, ќе му ги одземе посебните права што ги ужива како поранешен канцелар. Тој ќе остане без канцелариите во Берлин и персоналот, според владиниот предлог што треба да го одобри Комисијата за буџет во четврток.
Шредер ќе може да ја задржи пензијата и личната заштита. Конзервативната опозиција побара тој да остане и без пензија.
Опозицијата тврди дека го нарушува угледот на Германија во светот бидејќи не се дистанцира од рускиот претседател Владимир Путин и затоа што ги задржа своите должности во различни руски енергетски компании. Шредер беше канцелар од 1998 до 2005 година, последниот социјалдемократ на чело на Германија пред сегашниот канцелар Олаф Шолц.
Потоа меѓу другото работеше за Северен тек, Газпром и Роснефт. Раководството на СПД побара од него да ја напушти партијата. Некои дури бараа да биде избркан.