Порака до Орбан: Унгарија да ги почитува ЛГБТ-правата или да ја напушти ЕУ

„Почитувајте ги правата на сексуалните малцинства или напуштете ја Европската Унија“, му порача холандскиот премиер Марк Руте на унгарскиот премиер Виктор Орбан во екот на тензиите околу законот со кој во училишниот систем на земјата се забранува да се користи материјал за кој се проценува дека ја промовира хомосексуалноста.

Фото: ЕПА

Неколку учесници во дискусијата зборуваа за најжестоките тензии меѓу 27-те лидери на Европската Унија во последните неколку години што се случија во четвртокот, објави Ројтерс.

„Беше жестоко - имав чувство дека такво нешто не може да се случува. Стануваше збор за вредностите за кои се залагаме“, им рече Руте на новинарите во петокот.

„Му реков да престане со тоа и да го повлече законот. А ако не ви се допаѓа и ако се држите до тоа да не ги споделувате европските вредности - треба да размислите дали да останете во Европската Унија“, ги пренесе Руте деталите од разговорот со унгарскиот премиер Орбан.

Законот содржи одредби, чијашто цел, според тврдењата на предлагачите, е да ги заштити децата од педофилија - што белгискиот премиер Александар де Кру го оцени како примитивизам.

Европската Унија бара Орбан да го укине законот, последен во низата, откако во Унгарија беа усвоени рестриктивни мерки во врска со медиумите, судиите, академиците и мигрантите.

Унгарија сега, најверојатно, ќе се соочи со правен предизвик пред Врховниот суд на Европската Унија.

Седумнаесет од 27-те лидери на ЕУ, меѓу кои и германската канцеларка Ангела Меркел, потпишаа заедничко писмо со кое ја потврдија својата заложба за заштита на правата на сексуалните малцинства.

„Сите јасно ставивме до знаење на кои основни вредности се придржуваме“, рече Меркел.

Францускиот претседател Емануел Макрон оцени дека ова е борба за зачувување на цивилизацијата и културата. Макрон рече дека ова е „егзистенцијално прашање“ за Европејците и дека постои потреба да се води „културна борба, борба на цивилизации“ со членките на ЕУ како Унгарија и Полска, каде што се изгласани закони против ЛГБТ-заедницата.

Тој изрази загриженост поради, како што рече, подемот на нелибералниот конзервативизам во некои држави, што ги поткопува вредностите на блокот.

„Борбата против хомофобичните закони е одбрана на индивидуалните слободи и на човечкото достоинство“, рече францускиот претседател и додаде дека Унгарија треба да остане членка на ЕУ.

Премиерот на Луксембург, Ксавиер Бетел, рече дека на официјална Будимпешта треба да ѝ се намали приливот на средства од Европската Унија - што е механизам што се применува на членките што ги кршат демократските правила.

„Време е Брисел да тестира нови процедури. Парите генерално се поубедливи од разговорите“, истакна овој луксембуршки функционер со нескриена хомосексуална ориентација.

Само Словенија и Полска со Орбан

Словенија и Полска беа единствените земји на ЕУ што застанаа на страната на Унгарија во спорот за ЛГБТ-правата, рече Бетел.

„Само две земји изјавија дека се целосно на страната на Унгарија: Словенија и Полска. Другите нѐ поддржаа нас или не рекоа ништо“, рече тој пред новинарите.

Бетел, кој е во брак со маж, рече дека Орбан ја преминал црвената линија. „Јас не станав геј. Јас сум геј, тоа не е избор“, наводно рекол Бетел.

Бетел додаде дека пред неколку години бил на вечера со својот сопруг и со Орбан во Будимпешта. „Не го препознавам овој Орбан што денес е на масата на Европскиот совет. Тој не е истиот... Тоа е тажно“.

Орбан пред затворената средба со премиерите на ЕУ во четвртокот рече дека законот не претставува напад врз хомосексуалците, туку на родителите им го гарантира правото да одлучуваат за сексуалното образование на своите деца.

Орбан, кој е на власт во Унгарија последните единаесет години, а идната година го чекаат избори, сè пожестоко ги промовира традиционалните католички вредности, кои, како што тврди, се под притисок на либералниот Запад.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Процесот на донесување на буџетот ме потсетува на една изрека на поранешниот државен секретар на трезорот на САД, Џејкоб Лу (Jacob Lew) кој вели дека „Буџетот не е само колекција на бројки, туку израз на нашите вредности и аспирации“.

повеќе

Конески со голема дарба и со рационална мисла, создаде комуникативна поезија, создаде за македонските генерации образец на читлива литература.

повеќе

Првичната реакција на голем број држави кога се појави новата варијанта на ковид-19 вирусот за забрана на патувањето од Јужна Африка и од соседните држави, иако истиот веќе се има проширено, е очајна мерка. Всушност, државите можеби се и подобро подготвени отколку што мислат за што и да следи.

повеќе