Поради комунистичкото насилство околу 100.000 луѓе во Словенија имаат право на отштета

Законското право на отштета како жртви на повоеното насилство на комунистичките власти по Втората светска војна во Словенија досега го оствариле речиси 35.000 луѓе, а се проценува дека со право на тој статус ги има трипати повеќе, објави вчера во Љубљана Студискиот центар за национално помирување.

За актуелниот и потенцијалниот број на жртви со право на отштета зборуваа вчера во Љубљана претседателката на јавната установа формирана во 2008 со цел проучување на неправдите на претходниот режим, историчарката Андреја Валиќ Звер и претседателката на комисијата за исправање на неправдите од минатото Мајда Поучник Рудл.

Тие ги претставија и податоците од официјалната владина комисија за спроведување на „законот за исправање на неправдите“ кој ја регулира таа проблематика, донесен во 1996 година.

„Сите жртви заслужуваат право на сеќавање, односно на вистина и правда“, кажа Валиќ и изнесе податоци за досегашните 35.000 лица со право на отштета по тој закон.

Законот го регулира правото на повраток на штетата и правото од пензиското и инвалидското осигурување на оштетените и нивните најблиски, и тоа на поранешните политички затвореници и жртвите кои биле незаконски убиени, и членовите на нивните семејства. Законот ги уредува и постапките за остварување на тие права, но и можноста за измени на правосилни пресуди, неправедно донесени во времето на комунистичкиот режим.

Врз основа на документацијата на спомнатите установи кои се занимаваат со правата на политичките затвореници, неправедно осудените и убиените, комунистичкото насилство во Словенија во годините по војната било многу интензивно.

Така во Словенија во повоеното комунистичко насилство биле убиени 18.280 словенечки војници и цивили на некомунистичката страна спротивно на принципите на правната држава. Покрај тоа, биле убиени и над 100.000 припадници на другите југословенски народи, меѓу нив и жени и деца.

„Во затворите биле сместувани таканаречените класни непријатели, а имало и осум поголеми и помали концентрациони логори, 4 казнени логори за присилна работа, 20 поправни логори и логори за таканаречена општествено корисна работа“, изјави Пучник Рудл.

Нејзината комисија има податоци дека во Словенија имало вкупно 25.000 политички затвореници и околу 60.000 случаи на насилна експропријација на приватна сопственост.

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе

Нема пазар доколку нема информации. Дајте ги информациите за пазарот на грозје.

повеќе