Групата мигранти граничарите ги гаѓа со камења, шишиња и гранки.
„Во тек е напад на група мигранти врз нашите граничари, полицајци и војници. На Полјаците фрлаат камења и други предмети. Истовремено други учесници во нападот се обидуваат да ја уништат оградата на границата. Полските служби користат водени топови за да го одбијат нападот“, соопшти портпаролот на координаторот на службите за безбедност Станислав Жарин.
На граничниот премин кај полското село Кужњица во понеделникот се премести голема група мигранти, главно од Ирак бидејќи се раширија гласини дека ќе се отвори хуманитарен коридор преку Полска до Минхен, каде градските власти понудија да примат дел од бегалците.
По релативно мирната ноќ, утринава кризата повторно ескалираше со обидот за пробивање кај граничниот премин а полското министерство за одбрана ги обвини белоруските власти дека ги снабдиле мигрантите со шок-бомби кои наводно ги фрлале на полските граничари и војници.
Од 2 септември нема начин да се провери што точно се случува на границата, затоа што полските власти им забранија на сите медиуми, вклучувајќи ги и државните и „провладините“ да известуваат од тесниот граничен појас во кој од почетокот на месецот на сила е вонредна состојба.
„Во тек е хибридна војна, но во овој момент веројатно нема на видикот војна со оружје во рака. Го користам зборот најверојатно бидејќи сме соочени со непредвидлив противник, зборувам за Лукашенко, но ми се чини дека не би се осмелил на нешто повеќе од сега“, кажа денес лидерот на полската владејачка партија Право и правда Јарослав Качињски.
„Добар дел од медиумите во Полска застанаа на страна на Лукашенко тврдејќи дека ние постапуваме репресивно кон луѓето кои инаку не се бегалци а не се ни сиромашни. Ние се бориме против голема измама во Полска и во светот“, кажа Качињски.
Дека новинарите нема ни со престанувањето на вонредната состојба да добијат можност да известуваат и да ги проверуваат на терен соопштенијата на белоруските и полските власти најави и полскиот премиер Матеуш Моравјецки.
Тој деновиве предупреди дека е најважна пораката која новинарите ќе ја испратат од границата и оцени дека „САД биле поразени во војната во Виетнам затоа што дозволиле новинарите да известуваат што таму навистина се случува“, наместо да ги пренесат пораките кои ѝ биле потребни на Америка.