Полскиот свештеник се извини за палењето на книгите „Хари Потер“ и симболи на други вери

Полскиот католички свештеник Рафал Јарошевич од фондацијата СМС од небото им се извини на сите што можеби ги навредило демонстративното палење на книгите за Хари Потер, фигури од детските бајки и предмети симболи на другите религии, како слон или африканска маска, кое беше организирано во Гдањск.

„Палењето книги и други предмети беше несреќно. Но не беше организирано како подбив кон која било социјална група или религија. Ако некој мојот чин го сфатил така, сакам да го замолам да ми прости“, рече свештеникот Јарошевич откако во сите светски медиуми се појавија слики како во Гдањск верниците на клада палат книги за деца и симболи на други религии.

Книгите, главно од серијалот за младиот волшебник Хари Потер, и предмети како што се чадори од бајка Хелоу Кити, слон и африканска маска, на повикот на Јарошевич за помош да се избрка злото самите верници ги донеле пред црква во Гдањск. Јарошевич со помош на момче од парохијата ги запали со образложение дека носат зли сили, а сликите од кладата ги постави на социјалните мрежи.

Иако скандалот изби веднаш штом се појавија сликите, со најчести коментари дека во Европа последен пат „несоодветни“ книги биле палени во Хитлерова Германија или дека сè уште не е виден никој што би силувал, убивал и крадел во име на Хари Потер, што не може да се каже за злосторниците во име на Библијата, фондацијата СМС од небото прво се обиде кладата со книги и симболи да ја оправда повикувајќи се на Библијата, а и со тоа дека книгите и предметите цела недела ги носеле самите верници.

„Одговорот на лоши книги не може да биде ни цензура, ни палење, туку само пишување добри книги“, реагираше во почетокот на неделата во име на владата вицепремиерот и министер за наука и виши школи Јарослав Говин.

Еколошки активисти од организацијата Смог аларм од Рибњик нашле и конкретен параграф според кој свештеникот веднаш би можело да се казни зашто фрла книги и верски симболи на клада и поднеле против него пријава во обвинителството поради незаконско палење отпад што може да ја загади животната средина.

Полската Католичка црква соопшти дека нема намера на кој било начин да го казни свештеникот, иако начинот на кој тој одбрал да се бори против магијата и окултизмот е несреќен, а само бискупот во Кошалин побарал од Јарошевич тоа да го прави поинаку.

Рафал Јарошевич, кој ја предводи фондацијата СМС од небото од Кошалин, кај Полјаците е познат по првата мобилна исповедилница во возило со кое крстосува низ цела Полска, а и по иницијативата огромниот крст од врвот Гевонт да се префрли на Националниот фудбалски стадион во Варшава.

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе

Зрелоста на еден народ е да препознае кога протестите за замена му ги продаваат како протести за промена. 

повеќе

Толку убава, чиста земја, богата со шуми, планини и природни ресурси ја претворивме во Мордор.

повеќе