Полскиот претседател: ЕУ не може да одлучува за полското правосудство, тие надлежности не му ги пренесовме на Брисел во 2004

Претседателот на Полска Анджеј Дуда порача дека Европската Унија не може да одлучува за полското правосудство бидејќи тие надлежности Полска не ги пренела на Брисел кога се зачленувала во 2004 година.

EPA-EFE

Тој тоа го кажа по повод новата казна од милион евра дневно од Судот на правдата на ЕУ затоа што властите не го прекинаа контроверзното дисциплинирање на полските судии.

„Таму каде што се согласивме да пренесеме како надлежност на ЕУ, тука ЕУ може да одлучува за нашите прашања. Меѓутоа, во областите каде надлежностите не сме ги делегирале, за тие прашања одлучуваме сами за себе“, кажа по повод драконската казна во интервју за државната полска телевизија ТВП Дуда.

Ова е веќе втора одлука на Судот на правдата на ЕУ за казна која полската владата на конзервативната партија Право и правда реши да ја игнорира и да не ја плаќа, откако неодамна одби да плаќа казна од половина милион евра дневно затоа што не ја изврши привремената мерка да ја сопре експлоатацијата на лигнит во рудникот Туров, додека не се договори за еколошките последици на проширувањето на тој рудник со соседна Чешка.

Судот на ЕУ во Луксембург удоволи во средата на барањето на Европската комисија парично да ја казни Полска за тоа што ги игнорирала привремените мерки на тој суд и пресудата од средината на јули во која на полските власти им беше наредено да го замрзнат казнувањето на судиите по реформираниот систем во полскиот Врховен суд, пред сè работата на новиот дисциплински оддел на тој суд.

Полската реформа на правосудството воведе закана со дисциплински казни и за самата содржина на пресудите, што според оценката на Судот на ЕУ, значи дека тоа можат да го злоупотребат политичарите за да контролираат какви пресуди ќе носат полските судии и дека со тоа се нарушува целиот правен систем во ЕУ каде се признаваат пресудите на националните судови кои се истовремено и судови на Европската Унија.

„Има многу причини за тој судир (на Полска и ЕУ) но како што се гледа со големите разлики во ставовите има тука и многу лаги што тешко можеме да го прифатиме. Му кажав на претседателот Макрон дека има многу лаги за тоа што се случува во Полска и тоа ме загрижува“, кажа Дуда во интервјуто кое го даде во Париз по разговорот со францускиот претседател Емануел Макрон.

Дуда кажа дека Полска мора да разгледа што ќе прави со тие казни за непочитување на одлуките на Судот на ЕУ, додека заменик министерот за правда Себастијан Калета кажа дека Полска нема да ги плаќа казните и го обвини Брисел дека ги гази сопствените вредности, ја признава само силата како аргумент и со уцени и закани ги тера членките на послушност.

„Во светло на неодамнешната пресуда на Уставниот суд на Полска таа казна не може да се плаќа бидејќи тоа би било кршење на полскиот устав. Нема законска можност да ја платиме“, порача Калета.

Лидерот на владејачката партија Право и правда Јарослав Качињски најави во август дека Полска би можела да попушти и дека ќе го укине контроверзниот дисциплински оддел. Меѓутоа, како што јави весникот Газета виборча, премиерот Матеуш Моравјецки за време на неодамнешниот самит на ЕУ во Брисел зад затворени врати признал дека проблемот е во тоа што владејачката партија не може да обезбеди мнозинство за укинување на контроверзното дисциплинирање на судиите во парламентот.

Полска не може да го избегне плаќањето на казните по пресудите на Судот на ЕУ затоа што ако не ги плати, Брисел за толку ќе ги намали средствата кои на Полска ѝ се одобрени во повеќегодишниот буџет на Унијата.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Дали и колку градовите им служат на интересите на своите граѓани (демократија) или на елитите кај кои се концентрира капиталот (авторитарност)?

повеќе

Освен тоа што муралите се моќно средство за комуникација, тие можат да бидат и предмет на манипулации, па и пропаганда, подигање тензии и продлабочување на недоразбирањата во БиХ.

повеќе

Процесот на донесување на буџетот ме потсетува на една изрека на поранешниот државен секретар на трезорот на САД, Џејкоб Лу (Jacob Lew) кој вели дека „Буџетот не е само колекција на бројки, туку израз на нашите вредности и аспирации“.

повеќе