Полска не очекува воена отштета само од Германија, туку и од Русија

Лидерот на владејачката конзервативна партија Право и правда Јарослав Качињски предупреди дека Варшава не очекува воена репарација само од Германија, туку и од Русија.

Качињски истакна дека Русија е должна да ѝ плати воена отштета на Полска, иако претседателот на Русија Владимир Путин се обидува одново да ја пишува историјата бидејќи, како што кажа, не му одговара Полјаците да бидат жртви, а Русите виновници.

„И Советскиот Сојуз убил илјадници Полјаци или ги одвлечкал во Сибир или во Казахстан. Многумина се вратиле во Полска дури во 1950-тите години. Други никогаш не се вратиле“, кажа Качињски во интервјуто кое денес го објави германски Билд.

Лидерот на партијата Право и правда, формално обичен пратеник но реално вистинскиот политички лидер на Полска, истакна дека и Русија мора да ѝ плати на Полска воени репарации.

„Во Берлин има демократски избрана влада која ја обврзуваат закони и морал. За Русија тоа не може да се каже. И Русија мора да плати. Не мислам, меѓутоа, дека нашата генерација ќе го доживее Русија да ја признае својата одговорност. Едно е сигурно – нашите барања не застаруваат“, кажа Качињски.

Тој кажа и дека би можел да се сретне со Путин да разговара за загинувањето на неговиот брат, претседателот на Полска Лех Качињски во падот на авион при обидот за слетување по многу лоши услови на воениот аеродром во Смоленск, во април 2010, кога загинаа 96 луѓе од високата државна и воена делегација на Полска.

Качињски во интервјуто постави услов за таа средба – Русија да ги врати остатоците од претседателскиот авион, што Москва го одбива тврдејќи дека остатоците се неопходен доказ сѐ додека Полска не ја затвори истрагата, обновена кога Качињски во 2015 година дојде на власт со намера да докаже дека не станува збор за обична авионска несреќа. Тоа претходно го заклучија и руската и полската официјална истрага. Јарослав Качињски е ибеден дека станува збор за атентат врз Лех Качињски кој наводно го наредил Путин.

„Русија напаѓа таму каде што ќе види слабост и шанса за победа, како на Крим или во источна Украина. Има проблем таму каде што ќе наиде на решителен отпор, дури и кога станува збор за дипломатски. Германците мора да испратат повеќе војници, особено во балтичките земји. Во Полска историското наследство зборува против распоредување поголем број германски војници. Тука Германците мора да ја земат предвид полската чувствителност. Сигурно е, меѓутоа, дека се потребни ефикасни сили за брзо реагирање во источна Европа“, кажа Качињски.

За вербалната војна на Русија и Полска околу вината и одговорноста за избивањето на Втората светска војна која ескалираше сега, пред 75-годишнината од ослободувањето на најголемиот логор на смртта на нацистите од страна на Црвената армија на 27 јануари 1945, Аушвиц, Качињски за Билд кажа дека Путин се обидува да го префрли вниманието врз Полјаците и да ја прикрие одговорност на својата земја за избивањето на Втората светска војна.

„Полјаците се жртви, Русите се виновници. Таквата улога на Путин не му одговара. Затоа тежнее повторно да ја испише историјата“, кажа Качињски за спорот со Русија дали на избивањето на војната придонел пактот Рибентроп-Молотов за ненапаѓање од август 1939 година кој имал таен анекс Хитлерова Германија и Сталиновиот Советски Сојуз да ја поделат Полска, што се случи на 17 септември 1939 година кога Црвената армија ги окупираше источните области од предвоена Полска.

Во интервјуто за Билд Качињски изрази задоволство што и германската канцеларка Ангела Меркел и претседателот Франк Валтер Штајнмаер јасно ја признаваат одговорноста на Германија за Втората светска војна и убивањето милиони луѓе.

„Со тоа тие навистина им отежнаа на Русија и на нејзиниот претседател да шират лаги и да фрлаат негативно светло на Полјаците“, кажа Качињски.

Овозможувањето континуитет на стопанството треба да биде на прво место во агендата на Владата, бидејќи закрепнувањето на економијата ќе дојде токму од приватниот сектор.

повеќе

Светот првично се соочи со кризата предизвикана од коронавирусот на некоординиран начин, при што огромен број држави едноставно ги игнорираа предупредувањата и настапуваа самостојно.

повеќе

Пандемијата на коронавирусот која го зафати целиот свет, не само што има огромно влијание врз јавното здравство, општеството и економијата како целина, туку предизвика пустош и во спортот.

повеќе