Полска ја обвини Белорусија: Ни се одмаздуваат со испраќање мигранти, тоа е живо оружје

Полска ја обвинува Белорусија дека испраќа сè поголем број мигранти преку граница како одмазда за одлуката на Варшава да обезбеди засолниште за Кристина Тимановска, белоруската атлетичарка која одби да се врати во татковината од Олимпијадата во Токио.

Фото: ЕПА

Заменик-министерот за внатрешни работи Мачеј Васик во четвртокот рече дека Минск води „хибридна војна со Европската унија преку илегалните мигранти“.

Во изминатите недели и соседната членка на Европската унија Литванија извести за зголемување на бројот на илегални гранични премини на мигранти од Белорусија, тврдејќи дека Минск ги носи со авион и ги испраќа во Европската унија.

„Тоа се млади мажи и жени со деца. Белорусија ги користи како живо оружје“, рече Васик за полската Телевизија В-Полсце.

„Во последните денови бележиме зголемување на бројот на мигранти и веруваме дека ова е реакција на давањето азил на белоруската атлетичарка“, додаде тој.

Бегството на Тимановска, што потсетува на оние од времето на Студената војна, дополнително ги зголеми тензиите меѓу Западот и Минск, додека ЕУ го обвинува белорускиот претседател Александар Лукашенко дека ги користи мигрантите и како одмазда за европските санкции.

Тимановска тврди дека претставници на белорускиот тим насилно се обиделе да ја испратат дома затоа што ги критикувала спортските власти. Таа одбила да се качи на летот и побарала заштита од јапонската полиција. 24-годишната спортистка во средата полета за Полска.

Официјална Варшава и претходно ја критикуваше авторитарната власт на Лукашенко и прими голем број белоруски активисти по протестите што избија минатата година.

Полската погранична полиција за Ројтерс изјави дека од четвртокот вечер привела група од 71 мигрант, а во средата група од 62 лица, претежно Ирачани.

Тоа се повеќе од 122 илегални мигранти уапсени од полската гранична полиција цела мината година. Минатиот месец биле уапсени 242 мигранти.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Процесот на донесување на буџетот ме потсетува на една изрека на поранешниот државен секретар на трезорот на САД, Џејкоб Лу (Jacob Lew) кој вели дека „Буџетот не е само колекција на бројки, туку израз на нашите вредности и аспирации“.

повеќе

Конески со голема дарба и со рационална мисла, создаде комуникативна поезија, создаде за македонските генерации образец на читлива литература.

повеќе

Првичната реакција на голем број држави кога се појави новата варијанта на ковид-19 вирусот за забрана на патувањето од Јужна Африка и од соседните држави, иако истиот веќе се има проширено, е очајна мерка. Всушност, државите можеби се и подобро подготвени отколку што мислат за што и да следи.

повеќе