Повеќе од две недели стотици илјади Полјаци станаа против одлуката на уставниот суд на Полска кој донесе одлука дека секој прекин на бременоста во случаи кога фетусот е оштетен е негален, дозволувајќи прекин на бременоста само во случаи кога постои ризик по здравјето на жената или станува збор за кривични дела како инцест или силување.
Одлуката за спроведувањето требаше да биде објавена вчера, но тоа не се случи, како што се очекуваше. Бидејќи тоа не се случи, одлуката на уставниот суд повеќе нема правна моќ.
Еден функционер на владата кажа дека на политичките лидери им треба малку повеќе време за да донесат конечна одлука и дека во тек е дискусија за законот. Тој кажа и дека премиерот ги повикал на разговор припадниците на опозицијата, за да се најде решение.
Полска е мнозински католичко, конзервативно општество со еден од најострите закони за абортус во Европа. И покрај тоа, истражувањата на јавното мислење пред донесувањето на пресудата покажаа дека многу мал број луѓе всушност го поддржува дополнителното заострување на законот. Тоа, меѓутоа, не ги спречи Јарослав Качински и неговата партија Право и правда свесно да го игнорираат консензусот на јавноста и да ја наметнат својата идеолошка и верска агенда која со години се трудат да ја спроведат.
Владејачката партија уште минатата година, со поддршка од моќната Католичка црква, ја почна кампањата за менување на законот за абортусот од 1993 година. Кампањата „успешно“ заврши минатата недела со пресудата на уставниот суд.
Полјаците реагираа и со денови на улиците низ земјата стотици илјади демонстранти протестираат поради одлуката со пораки „Нашата крв е на вашите раце“ и „Ова е пекол за жените“.